Фриленсерството стана значаен извор на приходи за многу Македонци, овозможувајќи им да работат од дома, а да соработуваат со клиенти од целиот свет.
Благодарение на платформите за фриленс работа како Upwork, Fiverr и други, многу млади професионалци во Македонија ги открија можностите за поголема финансиска слобода и независност.
Но, покрај можностите, фриленсерите се соочуваат и со предизвици, како што се прашањата поврзани со даноци, правна регулатива и стабилност во заработката.
Приказни од македонски фриленсери
Мартина Димитрова, 27-годишна графичка дизајнерка од Скопје, започнала да работи како фриленсер пред четири години.
Откако забележала дека има голема побарувачка за нејзините услуги на странските пазари, таа се регистрирала на неколку платформи за фриленс и брзо нашла клиенти.
„Во почетокот не очекував многу, но веднаш почнаа да пристигнуваат понуди од различни компании од САД и Европа. Денес, моите приходи од фриленс работата се значително повисоки отколку што би заработувала во македонска компанија“, изјави Димитрова.
Мартина работи на проекти кои вклучуваат дизајн на лого, веб-страници и маркетинг материјали за компании од различни индустрии.
Нејзините приходи варираат, но во добри месеци заработува меѓу 1.500 и 2.000 евра.
„Флексибилноста е најголемата предност на фриленсингот. Имам слобода да го планирам времето и да бирам проекти што ми се интересни“, додава таа.
Но, Мартина признава дека постојат и предизвици, особено во поглед на правните и даночните обврски.
„Даночниот систем во Македонија не е баш адаптиран за фриленсерите. Мора да внимаваш на сите трансакции, да ги следиш приходите и да ги платиш даноците навреме, бидејќи казните може да бидат високи“, вели таа.
Даночни предизвици и регулација
Една од најголемите дилеми со кои се соочуваат македонските фриленсери е управувањето со даночните обврски. Иако фриленсерите работат за странски клиенти, приходите што ги остваруваат се предмет на оданочување во Македонија.
Според Законот за данок на личен доход, тие се должни да пријават и платат данок за секоја трансакција што ја добиваат од странство. Ова често знае да биде комплицирано, особено за оние кои работат на краткорочни проекти со различни клиенти.
„Даночната регулација не е секогаш јасна. Многу фриленсери не се свесни за обврските што ги имаат кон државата. Поради недоволната регулација и несоодветната информираност, некои од нив ризикуваат да добијат даночни казни или да се соочат со правни проблеми. Во ваков случај, консултациите со даночни советници се речиси неопходни“, велат аналитичарите.
Проблемот настанува поради недостигот на специјализирана регулатива за фриленсерите.
Експертите објаснуваат дека многу земји веќе имаат формирано посебни даночни олеснувања или регулативи за лицата кои работат онлајн, особено за оние кои соработуваат со странски клиенти.
Македонија сè уште нема ваква развиена стратегија, што го отежнува процесот за фриленсерите.
Можности за развој
И покрај правните и даночните предизвици, фриленсерството отвора големи можности за младите Македонци.
Според последните податоци, сè повеќе луѓе во земјата се регистрираат на платформи за фриленс работа, надевајќи се на подобри заработки од оние што ги нудат локалните работодавци.
Ова е особено привлечно за IT професионалците, дизајнерите, програмерите и за дигиталните маркетери, чии услуги се барани на глобалниот пазар.
Роберто Ристов, 32-годишен програмер од Битола, ја напуштил својата работа во локална IT компанија за да започне фриленс кариера.
„Првата година беше тешка, бидејќи требаше да ги пронајдам вистинските клиенти и да стекнам репутација на платформите. Но, откако ги поминав тие почетни предизвици, работите почнаа да се движат во позитивна насока. Сега заработувам двојно повеќе отколку што заработував во компанијата,“ вели Роберто.
Тој признава дека фриленсерството му дало поголема независност и можност да работи на проекти што го интересираат.
„Работам со клиенти од САД, Канада или од Германија, и секојдневно учам нови вештини“, додава Ристов.