Скопје, како главен град и една од главните туристички дестинации во Македонија, се соочува со очигледен недостиг од јавни тоалети, што предизвикува незадоволство кај посетителите.
Недостатокот на овие основни јавни објекти особено влијае на туристите кои, на секој чекор во градот, мораат да ги бараат услугите на околните кафулиња и ресторани.
„Овој град е прекрасен и нуди многу за разгледување и за шетање, но недостигот од јавни тоалети е голем проблем за нас, туристите“, изјавува Ребека, посетителка од Велика Британија, која ја сретнавме во центарот на Скопје.
„Мораше постојано да бараме блиско кафуле или ресторан за да користиме тоалет, бидејќи не најдовме ниту еден јавен тоалет на плоштадот, ниту во Старата скопска чаршија“, ни изјави Ребека.
Во вакви ситуации, многу туристи се чувствуваат принудени да купат пијалак или храна во кафе баровите само за да добијат пристап до тоалет.
Ова создава дополнителни трошоци за посетителите и е непрактично за оние кои се во градот за кратка прошетка. За споредба, поголемите европски метрополи редовно обезбедуваат јавни тоалети на видливи локации, кои се лесно достапни и одржувани.
„Бев изненаден што немаше јавни тоалети на достапните локации“, вели Карло, турист од Италија. „Кога доаѓаме во нов град, тоа е една од првите работи што очекуваме да ја видиме – знак за удобност и поддршка за туристите“.
Овој недостиг од јавни тоалети не само што влијае на комфорот на посетителите, туку и остава лош впечаток за градот и може да се одрази на туристичкиот углед на Скопје.
Локалните власти треба да ги земат предвид овие забелешки и да изнајдат решение кое ќе ги задоволи и локалното население и туристите, кои сѐ повеќе го избираат Скопје како нивна дестинација.
Извор: denar.mk