Изминатите неколку години, домашно приготвен ајвар се продава на социјалните мрежи. Цената варира, но генерално не е под 400 и над 600 денари за една тегла.
Бидејќи секогаш некому цената му е скапа, на социјалните мрежи се појави пресметка за тоа колку чини да се направи домашен ајвар.
„За оние што мислат дека ајварот е скап доколку е 400 или 500 денари, еве како изгледаат трошоците за еден ајвар.
Да земеме за пример, 50 килограми пиперки - цената се движи од 45 до 60 денари за килограм, ззависи во кој регион сте во државата.
10-15 килограми модар патлиџан се движи од 10-20 денари за килограм, исто така во зависност од тоа во кој регион сте во државата.
Цените што ги наведувам се на големо, доколку ги купите истите работи во пиљара или на пазар цените би биле - пиперката 60-90 денари килограм, модриот патлиџан 20-30 денари килограм. Што значи, вие од самиот старт вложувате од 2.500 do 5.000 денари, зависи до цените - само за пиперки и модар патлиџан. Додадете уште 500 денари за зејтин и сол.
Дрвата исто така не се бесплатни. За таа количина ќе направите околу 15-20 тегли ајвар. За да го направите ајварот потребни ви се најмалку два дена, доколку сами го правите. Автоматски тоа е како трошок три илјади денари. Што значи 6.000-8.000 денари вие вложувате за да добиете 15-20 тегли ајвар.
Доколку ајварот го продадете по 500 денари тегла, вие сте добиле од 2.000 до 4.000 денари максимално за вашата макотрпна работа - два дена што сте работеле.
Ова ви е детален опис за оние што зборуваат дека ајварот бил премногу скап доколку е 500 денари тегла.“ пишува на социјалните мрежи.
На постот има додадено плус и дека секој си прави ајвар по свој избор. Некои го прават со повеќе модри патлиџани, некои и без нив, има многу начини.