Џин тоникот денес се смета за еден од најпрепознатливите и најомилените коктели, но зад неговата освежителна комбинација се крие богата историја која се протега векови наназад. Од неговата првобитна употреба како лек во британска колонијална Индија, каде што тоникот богат со кинин се користел како превенција од маларија, па сè до модерните барови и ресторани, џин тоникот поминал долг пат и стекнал статус на глобален феномен.
Денес, овој едноставен, но софистициран коктел доживува нова ренесанса, со широк избор на џинови и сè покреативен пристап кон состојките и начинот на сервирање. Во овој текст ќе истражиме како џин тоникот од медицинска потреба прераснал во симбол на хедонизам и врвно уживање.
Првите познати записи за овој класичен пијалак се наоѓаат во списанието Oriental Sporting Magazine од 1868 година. Во него, џин тоникот е опишан како коктел во кој уживаат живописните посетители по коњските трки. Освежителен, лесен и корисен против маларија – не е изненадување што џин тоникот бил хит кај Викторијанците.
„Џин тоникот спасил повеќе англиски животи и души отколку сите лекари во Империјата,“ наводно изјавил Винстон Черчил. Меѓутоа, колку и да се трудиме, тешко е да се пронајде примарен извор за ова тврдење. Наместо тоа, во бескрајни статии од аматерски историчари и љубители на џин, оваа анегдота се повторува пред да се осврнат на важноста на овој пијалак за Британската империја.
Англиските животи требало да се спасат бидејќи, под Британскиот Рај, ја колонизирале современа Индија, Бангладеш и Пакистан, а војниците биле изложени на маларија. Тоа била „смртоносна болест“ и за колонизаторите и за колонизираните. Но, во секоја историја за џин тоникот, фокусот е на колонизаторите: нивното „откритие“ на кората од дрвото кинин од Перу, која стана лек и превентива за маларија, по што се прошири низ Европа и ги натера Британците да испраќаат огромни количини кинин во колониите во Индија. Таму, кининот требало да служи како средство за војниците да останат доволно здрави за да ја спроведуваат британската власт.
Сепак, кининот бил толку горчлив што британските службеници стационирани во Индија и другите тропски краишта почнале да го мешаат прашокот со сода и шеќер. Така настанале првите комерцијални тоници со кинин. А каде што има миксери, набрзо се појавува и коктелот. Во исто време кога растела популарноста на џинот, Британците во странство почнале да го мешаат тоникот со увезениот британски џин за да го подобрат вкусот (и да добијат уште неколку голтки).
Денес, можеби таков симбол на британското владеење би се сметал за несакан остаток од репресијата во Индија. Но, бармените експериментираат со овој заостанат производ од колонијалното минато, правејќи го џин тоникот попопуларен од кога било. Во Индија, овој пијалак опстојува во колонијалните клубови, а сега доживува ренесанса во модерните коктел барови.
„Дури неодамна поголемиот дел од потрошувачите дознаа за потеклото на џин тоникот и фактот дека е роден во Индија,“ вели Јангдуп Лама, коосновач на баровите Sidecar и Cocktails & Dreams Speakeasy во Њу Делхи. „Затоа многумина со гордост го избираат овој пијалак.“
Кон крајот на 19-тиот век, џин тоникот стана стандарден во британските гимкана клубови ширум Британскиот Рај, ексклузивни клубови каде офицерите можеа да се занимаваат со спорт и да пијат, додека Индијците често беа експлицитно исклучени. По стекнувањето на индиската независност, клубовите станаа места за „новата класа богати, високо-кастни индиски членови, со нивната носталгија за Рајот“.
Каде е џин тоникот денес?
Во последните децении, џин тоникот доживеа препород надвор од гимкана клубовите и полека излегува од сенката на колонијалното минато. Во 1950-тите, џин тоникот стана препознатлив коктел сам по себе, со зголемено количество џин. Медицинските придобивки веќе не беа толку важни.
Низ годините, џин тоникот се служел во ниски чаши со две или три коцки мраз што веќе биле делумно стопени и парче сув лимон. Но, во последните неколку години, нов стил на сервирање џин тоник се појави во Шпанија, која денес води во создавањето трендови за џин. Познат како „Gin-Tonic,“ Шпанците почнаа да го сервираат во големи, елегантни чаши со гарнири како мајчина душица, маслинки и грејпфрут.
Варијации на џин тоникот
Денес постои цел спектар на различни тоници, а можностите за гарнирање се бескрајни. Може да експериментирате со џинови со дополнителни вкусови, како џин од рабарбара и брусница, џин тоник со праска и малина, или со лимон. Една од најпопуларните верзии денес е розовиот џин тоник, кој користи џин со овошни ароми за послаток вкус.
Ова се само некои од причините зошто џин тоникот брзо стана еден од најпопуларните пијалаци во светот. Прво, постои џин за секого. Второ, џин тоникот е празно платно што можете да го прилагодите на сопствениот вкус.
Основни чекори за подготовка на џин тоник
Најпрво, бидејќи се работи за само два клучни состојки, внимавајте тие да бидат квалитетни. Исто така, бидејќи тоникот го сочинува поголемиот дел од коктелот, прво изберете него, па според него изберете комплементарен џин (необично, но така препорачуваат бармените!).
Приближно 20 минути пред сервирање, разладете ги чашите. Ова ќе помогне вашиот џин тоник да остане подолго ладен. Користете заоблени чаши бидејќи тие овозможуваат состојките да „дишат“. Кога ќе бидете подготвени за подготовка на пијалакот, најпрво во разладените чаши додајте многу коцки мраз и задолжително отстранете го вишокот вода. Мразот ги задржува меурчињата на тоникот, а колку повеќе мраз има, толку побавно се топи.
Потоа додајте џин и тоник во сооднос приближно 1:3. Вака кажуваме бидејќи различните проценти на алкохол во различни џинови ќе дадат различни резултати. Затоа, секогаш е добро да пробате нов џин за совршен сооднос пред да го послужите на гостите.
Откако прво сте го додале џинот, исцедете парче лимета. Потоа додајте тоник и повторно исцедете сок од второ парче лимета. Промешајте го коктелот со лажичка за мешање. Сега е време за додавање на зачини, што е посебна приказна.