Со почетокот на грејната сезона започна и сезоната на висока загаденот на воздухот. Градовите низ земјава веќе се замаглија од ПМ честички, иако ниските температури започнаа пред само десетина дена. Скопје и оваа есен високо котира на светските листи на најазагадени градови, а неговите граѓани и овојпат сметката ќе ја платат со своето здравје. Очигледно е дека од минатите години досега лекцијата не е научена, иако постојано се повторува дека за загадувањето на воздухот треба да се мисли преку целата година, а мерки, краткорочни или долгорочни да се имплементираат со време.
Денеска, според податоците на порталот IQAir, воздухот во Скопје е загаден со високи концентрации на ПМ 2,5 честички и според индексот на квалитет на воздухот го рангира на осмото место на најзагадени градови во светот. Воздухот е оценет како нездрав за сите категории на луѓе, бидејќи вредностите на ПМ 2,5 во моментот се 11,4 пати повисоки од препораките на Светската здравствена организација. Во овие услови забранети се сите спортски и рекреативни активности на отворено, како и отворањето на прозорци. За луѓето се препорачува надвор да носат маска, а дома да вклучат прочистувач на воздухот.
Загадувањето го регистрираат и мониторинг станиците на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, според кои во Скопје, деновиве најзагадено е во Лисиче, каде се измерени концентрации на ПМ 10 честичките над 100 микрограми на кубен метар, што е двојно повеќе од максималните дозволени концентрации и концентрации на ПМ 2,5 над 130 микрограми, што е речиси шестпати повисоко од дозволеното. Во Центар загаденоста достигнува до 95 микрограми ПМ 10 и над 100 со ПМ 2,5. Деновиве загадено било и во Кичево каде ПМ 2,5 преминале над 140 микрограми и во Битола, каде биле над 80.
Според најновото истражување на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото и од улиците, палењето на стрништата и друг отпад на отворено, секундарните честички и горењето на мазут и нафта во јавните објекти и дел од индустриски објекти, се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички. Убедливо најголемо учество во создавањето на ПМ 2,5 честички има согорувањето на дрва, околу 30 отсто, особено во зимските месеци, за време на грејната сезона.
Како и претходните години, податоците од Државниот мониторинг не се целосни. Има мерни станици кои воопшто не функционираат, како таа во Велес, како и неколку кои работат само половично, како тие во гевгелија, Берово, Прилеп, Кочани, како и скопската кај Ректорат, која мери само ПМ 10. Нецелосни бројки даваат и станиците во Гостивар, Миладиноцви, Ѓорче Петров, Битола и Струмица. Зелената боја, како и претходните години во овој период доминира само во Лазарополе.
Целиот текст може да го прочитате на: meta.mk