Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предлага домаќинствата и малите потрошувачи да можат да купуваат струја според концептот „динамична цена“ наместо да ја плаќаат како фиксна кај универзалниот снабдувач (во случајов ЕВН Хоме).
Според дополнителните и најнови предложени измени на Законот за енергетика, домаќинствата ќе може да купуваат струја од снабдувачи со динамична, односно тековна цена, каква што е во моментот на пазарот. Бидејќи оваа цена е варијабилна, потрошувачот ќе може да ги користи периодите кога таа е ниска.
Снабдувачот ќе треба да им обезбедува постојани информации на потрошувачите за цената на струјата преку паметни мерни уреди, а своја улога како обезбедувач на информации и контрола ќе има Регулаторната комисија за енергетика.
Од Министерството за енергетика, на нашето прашање колку е веројатно ова да профункционира во пракса и колку време ке биде потребно овој концепт да се воспостави, велат дека оваа можност веќе е започната да се имплементира во некои земји од Европската унија.
Искуствата и праксата покажуваат дека потребното време за целосна имплементација зависи од техничките подготовки и договорите со снабдувачите, што секако ќе биде во координација со потребите на потрошувачите и ќе се развива паралелно со прилагодувањето на потребите на пазарот и техничките капацитети, велат од министерството.
Од таму додаваат дека потрошувачите - во слуачјов домаќинствата и малите потрошувачи, ќе треба да инсталираат посебно броило во договор со снабдувачот за плаќање на електричната енергија по динамична (променлива) цена.