Интернет-страницата „Тајмаут“ (Time Out) објави листа на најдобрите божикни базари, кои не се само места каде што може да се ужива во греено вино или топло чоколадо, туку се и вистински мали „земји на чудата“…
Стразбур, Франција
Во градот во источна Франција се наоѓа најстариот божикен базар во земјата. Тој постои од 1570 година, а денес вообичаено го посетуваат два милиони луѓе секоја година. Овде не е само божикниот базар што вреди да се истражи. Областа околу катедралата е преобразена во блескава „Недојдија“, прошарена со подароци, треперливи светилки, закуски и – мирисот на цимет… Не е за чудо што Стразбур е познат како „главниот град на Божик“.
Базарот „Кристкинделсмарик“ (Christkindelsmärik) во Стразбур трае од 27 ноември до 27 декември.
Нирнберг, Германија
Можеби една причина зошто толку многу луѓе се собираат на божикниот базар во овој јужногермански град околу празниците е, се разбира – германскиот обичај „Кристкинд“ (Christkind) којшто е меѓу најпривлечните знаменитости… Исто како и целокупната атмосфера, со традиционални закуски и домашно вино, како и украсената кула на фонтаната „Шене брунен“ (Schöne Brunnen) од 14. век.
„Хауптмаркт“ (Hauptmarkt) во Нирнберг трае од 29 ноември до 24 декември.
Клисура Равена, Германија
Околу 40 метри под сводовите на огромниот железнички мост во германската облат Шварцвалд се наоѓа празничниот базар на клисурата Равена. Се работи за шаренило од колиби и необични божикни светилки, некаде покриено со дебел слој снег. За уште поубав поглед, навечер целиот мост е осветлен во темно црвена боја.
Базарот во Равена трае од 22 ноември до 15 декември.
Виена, Австрија
Следниот базар на оваа листа, по правило, е најголемиот и, според многумина – навистина најдобар „Божикен свет“. Со своите над 100 висококвалитетни тезги, едноставно, „ги вовлекува“ гостите во празнично расположение. „Ратхаусплац“ ќе трае од 11 ноември до 26 декември.
Единбург, Шкотска
„Зимскиот фестивал“ во шкотската престолнина е голем и полн со настани, како и неговите легендарни новогодишни прослави. Се протега од „Источната улична градина на принцезите“ (East Princes Street Gardens) сè до „Ројал мајл“ (Royal Mile). Празничната екстраваганција вклучува лизгање на мраз, продавници за занаетчиски производи, храна и – многу тезги со виски.
Базарот на „Источната улична градина на принцезите“ трае од 18 ноември до 5 јануари.
Фалкенбург, Холандија
Некои од пештерите на градот се стари, велат – колку и самиот Божик… Имено, подземниот систем во југоисточна Холандија првично бил ископан од Римјаните пред речиси 2.000 години.
Базарот во Фалкенбург трае од 15 ноември до 5 јануари.
Келн, Германија
Божикните базари во поранешната староримска колонија секоја година привлекуваат четири милиони гости. Траат од 18 ноември до 23 декември.
Бирмингем, Велика Британија
Овој божикен базар се смета за најголемиот „автентичен“ базар вон Германија и Австрија. Иако не може да говориме за автентичност, со сигурност може да се говори за добро поминато време. Тука се пробуваат ѓевреци, колбаси, греено вино, пиво и топло чоколадо, додека разгледувате рачно изработени дрвени украси и стаклени топчиња за на елка.
Базарот во Бирмингем трае од 1 ноември до 24 декември.
Севиља, Шпанија
Можеби најнеобичното искуство тука би било – санкање под палми на попријатна температура. Но, тоа не е сè што добивате на божикниот пазар во Севиља, којшто, исто така, е познат и по својата музика во живо и карактеристичните андалузиски ракотворби.
Базарот во Севиља трае од 29 ноември до 23 декември.