Во Македонија, родителите се соочуваат со сериозен проблем кога се обидуваат да најдат дадилка која ќе ги чува нивните деца, особено на кратки или повремени ангажмани. Потребата за такви дадилки е голема, но наоѓањето на соодветни кандидати за овие ангажмани е доста тешко, особено затоа што повеќето жени кои работат како дадилки бараат полно работно време и не сакаат да се ангажираат на кратки или повремени периоди.
„Јас лично се нафаќам за 6 или 7 – 8 часа дневно, сум чувала дете и до 9 часа дневно, а за викенди и во неработни денови не работам, затоа што и родителите тогаш се дома. Може евентуално на 4 часа дневно да се нафатам, не е поентата да се изгуби денот. Мора да се исплати работата. Јас не би го губела времето за малку пари, за краток ангажман. Никогаш не сум размислувала така и денес не размислувам така“, вели дадилка од Скопје.
„Здружението не е активно веќе 3 години бидејќи се соочивме со големи предизвици во пронаоѓање на соодветен кадар и дополнителна едукација на дадилки и бебиситерки. Во период кога здружениево било активно и пред тоа, имало голема побарувачка за дадилки што работат полно работно време, но и за бебиситерки коишто работат на час и повремено кога родителите имаат потреба. Овој тип на услуга - бебиситинг повремено и по потреба е посебно специфичен бидејќи не овозможува постојани приходи и во главно е наменет за девојки/жени кои не бараат редовна работа, на пример студенти. Од тој аспект е сериозен предизвик да се најде личност од доверба која би работела повремено без да ги остави родителите „на цедило“, но исто така тоа е услуга која е и поскапа заради специфичности.
Аризанов дополнително посочува дека една од главните потешкотии е и недостатокот на едукација и обука за кандидатите. Во Македонија, постои проблем со законската регулатива која им овозможува на многу лица да стекнат лиценца за дадилка или негувател, без да имаат соодветни вештини и обука за тоа. Ова создава ризик за безбедноста и добросостојбата на децата, но и за самите дадилки, кои често работат во неуредени услови без соодветни права и заштита. Покрај тоа, многу дадилки и бебиситерки работат во „сива зона“, односно без регулиран работен однос. Ова значи дека тие не се покриени со соодветни права и обврски, што создава правни и економски проблеми, како за работниците така и за родителите. Проблемот со нерешениот статус на работниците во домашни услови е особено важен за решавање, бидејќи оваа работа се врши во неформални услови, а тоа често значи и недоволна заштита на правата на дадилките.
Аризанов нагласува дека најголемиот предизвик е да се најдат одговорни, едуцирани и емпатични дадилки кои ја сакаат својата работа. Во исто време, важно е да се крене свеста за значењето на оваа професија, која и покрај тоа што е од суштинска важност за семејствата, често не се цени доволно. За да се решат овие проблеми, потребни се значајни напори на повеќе нивоа, вклучувајќи подобрување на законската регулатива, обезбедување на адекватна едукација за кандидатите, и создавање на услови кои ќе ја направат оваа професија попривлечна и посоодветно платена.
Во земјава, не само што родителите бараат дадилки за чување на деца, туку и за нега на стари и изнемоштени лица. Ова ја покажува пошироката потреба за грижа во домашни услови, но истовремено и дополнителната предизвик за обезбедување на квалитетни и квалификувани лица кои ќе обезбедат висок стандард на грижа за децата и старите лица.
Целата вест прочитајте ја на: faktor.mk