Куќните слави, длабоко вкоренети во македонската традиција, отсекогаш биле денови за собирање на семејството и најблиските пријатели во домашна атмосфера.
Но, во последните години, сè повеќе скопски семејства решаваат своите слави да ги одбележат во ресторани наместо дома.
Овој нов тренд отвора дилема: дали станува збор за современ начин на славење или, пак, за отстапување од суштината на оваа вековна традиција?
Практичност и намалување на стресот
Меѓу семејствата кои одлучиле да ја заменат домашната атмосфера со ресторан е и семејството на Јован Стојановски од Аеродром.
Тој до пред неколку години ја славел славата „Свети Никола“ во својот дом, но веќе трета година славата ја одбележува во ресторан.
„Секој декември, подготовките за славата беа стресни. Жена ми се оптоваруваше со готвење, чистење и организација. Одлучивме да пробаме нешто поинакво – изнајмивме една сала во ресторан. Сега каниме дваесетина блиски пријатели и роднини, а храната и пијалаците се на нивото кое го сакаме, без да се оптоваруваме со детали. Повеќе се посветуваме на гостите, наместо на обврските“, вели Јован.
За него и неговото семејство, славата во ресторан не ја намалила важноста на денот.
„Сè уште се молиме пред иконата на Свети Никола и го почитуваме обичајот, но практичноста на ресторанот ни овозможува да ја славиме славата со помалку стрес“, додава тој.
„Куќна слава треба да биде дома“
Сепак, не сите го поддржуваат овој нов тренд.
Јована Петровска, 57-годишна жителка на Карпош, смета дека куќната слава не може да се слави надвор од домот.
„Самото име кажува – куќна слава. Не може обичај кој е толку силно врзан за домашната атмосфера да се пресели во ресторан. Суштината на славата е токму собирањето дома, околу трпезата, каде секој детал има посебна симболика. Во ресторан се губи интимноста и значењето“, вели Јована.
Таа додава дека слава во ресторан за неа не е „вистинска слава“ и изразува загриженост дека оваа пракса може да води кон губење на традиционалните вредности.
Модерни времиња – нови обичаи
Со оглед на современиот начин на живот, кој носи многу обврски и недостаток на време, овој тренд наоѓа сè повеќе приврзаници.
Ресторанот за некои семејства е решение за практични проблеми, но за други е неприфатлив начин на одбележување на традиционален празник.
Дали славата дома или во ресторан е „правилниот“ избор, останува лична одлука.
Но, едно е сигурно – куќните слави, без разлика на локацијата, продолжуваат да бидат важен дел од македонската култура и традиција.