Лицата на возраст над 55 години, како и оние над 60 години кои имаат само неколку години до пензионирање најтешко можат да најдат нова работа во случај да станат невработени. Групата на граѓани на возраст меѓу 55 и 59 години е најбројната група меѓу невработените пријавени граѓани во Агенцијата за вработување на Македонија. Бројките говорат дека се намалуваат невработените во земјава, но најпроблематично е да се најде работа за постарите лица.
Последните податоци на Агенцијата покажуваат дека во октомври вкупно невработени биле 97.879 граѓани, а дополнително како лица кои бараат работа се пријавиле уште 43.727 граѓани. Ова покажува дека повторно е намален бројот на невработените граѓани во Македонија, бидејќи во септември имаше 99.388 невработени, и уште 46.380 лица кои бараат работа.
Иако бројките на невработени граѓани се во постојан пад, проблематично останува вработувањето на граѓани кои надминуваат 50, а особено 55 години.
Во групата лица од 55 до 59 години има 14.484 невработени лица, додека исто висока бројка на невработени граѓани има над 60 години, или граѓани кои бројат само неколку години пред пензија, и таму има 13.160 невработени лица.
Меѓу групите со поголем број невработени лица се и граѓаните над 50 години. Во групата од 50 до 54 години има 12.243 невработени граѓани, а по нив следуваат лицата на возраст од 45 до 49 години каде има 11.846 невработени лица.
Граѓани кои бараат работа а се во групата од 40 до 44 години се вкупно 9951 лица, додека оние на возраст од 35 до 39 се 9372лица. Уште помалку има во групата од 30 до 35 години, таму невработени има 9.006 лица, а следните од 25 до 29 години бројат 8.272. Последни и најмалку на број се лицата на возраст од 20 до 24 години, каде има 7.795 невработени, како и групата од 15 до 19 години каде има 1.750 невработени, кои разбирливо се најмалку на број поради фактот дека најголем дел се уште се средношколци.
Овие бројки покажуваат дека лицата над 40 години опфаќаат вкупно 61.684 граѓани, што е скоро две третини од вкупниот број невработени.
Што се однесува пак до лицата над 50 години, нив ги има вкупно 39,887 лица, и тоа над една третина од вкупниот број невработени граѓани во земјава.
Податоците покажуваат дека и понатаму останува проблемот граѓаните кои имаат стекнато некоја вештина, или работно искуство потешко наоѓаат нова работа. Упатените велат проблемот лежи во самиот факт што дел од вештините кои ги стекнале веќе не се бараат, или пак ги има премногу на пазарот, па нема работа за сите.
- Денес постојано се менуваат потребите на пазарот. Познавањето на една вештина, не значи дека некој си обезбедил солиден приход цел живот. Вештините многу брзо се менуваат, па и помладите мора постојано да се надградуваат ако сакаат да бидат компетентни на пазарот на трудот. Проблематично е што повозрасните потешко учат нови вештини, и потешко можат да се прилагодат во нови средини, но тоа воопшто не значи дека не може да се постигне. Има позиции каде и повозрасните работници можат многу да придонесат, само треба да се погодат работодавците и работниците – вели претставник на една од Агенциите за посредување при вработување.
Појаснува дека многу често квалификациите на повозрасните граѓани повеќе не се бараат на пазарот, и потребна е нивна дообука, или стекнување нови вештини. Додава дека уште една причина што они остануваат без работа е и ниската вклученост на социјалните мрежи, кои стануваат канали за комуникација и за побрзо поврзување на работодавачите и работниците.