Токио, главниот град на Јапонија воведува четиридневна работна недела во обид да го зголеми наталитетот. Градската управа на Токио наведува дека новата мерка, која почнува од април следната година, може да им овозможи на вработените три слободни дена неделно.
Најавена е и друга мерка која на родителите на деца од прво до трето одделение во основно училиште ќе им овозможи да заменат дел од својата плата за можност за порано завршување на работното време.
„Ќе ги проучиме работните стилови, ќе обезбедиме никој да не мора да се откаже од кариерата поради животните околности како пораѓањето или одгледувањето деца“, изјави гувернерката на Токио Јурико Коике при претставувањето на планот.
Стапката на наталитет во Јапонија, која со години е во стрмен пад, достигна нов рекорден минимум во јуни, и покрај напорите на владата да ги поттикне младите на брак и формирање семејство.
Минатата година се забележани само 727.277 родени, а стапката на наталитетот – бројот на деца кои една жена ги има во животот – паднала на нов минимум од 1,2, според јапонското министерство за здравство, труд и социјална грижа. За стабилност на популацијата потребна е стапка на фертилитет од 2,1.
Извор: faktor.mk