Нов систем на вештачка интелигенција се тестира на еден од најпрометните аеродроми во светот – Хитроу, во Лондон, со цел да им помогне на контролорите на летање.
Годишно, Хитроу опслужува речиси половина милион летови, што е околу 90 летови на час во текот на денот, со што е на четвртото место на најпрометни аеродроми во светот. Работата на контролорите на летање во голема мера зависи од ефикасна координација за намалување на доцнењата и одржување на безбедноста.
Алатката за вештачка интелигенција, наречена Ејми, комбинира радарски податоци и снимки за следење на леталата низ воздушниот простор и создавање визуелен приказ на нивните позиции.
NATS, кој ја надгледува контролата на воздушниот сообраќај, соопшти дека технологијата може да им помогне на контролорите да следат летала дури и кога се надвор од видното поле, користејќи 4K камери и радари.
„Почнуваме со дигитална контролна кула. Со тоа го заменуваме традиционалниот поглед преку прозорец. Информациите, добиени преку дигиталниот, а не аналогниот поглед, можеме да ги испратиме благодарение на нашиот алат за вештачка интелигенција, Ејми“, изјави Енди Тејлор од NATS.
Системот обезбедува клучни детали за секое летало, како бројот на летот, типот на авионот и дали е на земја или во воздух. Бидејќи станува збор за податоци во реално време, вештачката интелигенција им помага на контролорите на летање да бидат подобро информирани и побрзо да носат одлуки. Ејми веќе е тестирана на повеќе од 40.000 летови.
Програмата треба целосно да стане оперативна до 2027 година. Таа ќе служи како поддршка во случај на прекин или вонредни ситуации, без потреба од директен поглед на пистите.
Сепак, експертите велат дека ваквите AI системи имаат свои ограничувања.
„Првото ограничување е недостатокот на контекст. Вештачката интелигенција нема целосно разбирање за одредени системи, па тимовите мора да се справуваат со финеси и нијанси“, изјави Колин Ригби од Универзитетот Кил.
Друг недостаток се ограничувањата во податоците.
„AI најверојатно се обучува на стандардни и рутински операции. Сепак, ќе ни биде потребна во сосема различни ситуации, кога нешто ќе тргне наопаку, а тоа повторно не враќа на идејата дека AI мора да соработува со луѓето за да се постигнат најдобри резултати“, додаде тој. Од NATS велат дека Ејми е дизајнирана да работи рамо до рамо со контролорите на летање.
Аеродромите во Сингапур, Њујорк и Хонг Конг размислуваат да применат слични дигитални решенија.
Извор: eupravozato.mondo.rs