Ледената покривка на Арктикот би можела да падне под критичниот праг, имајќи го својот прв ден без мраз, до 2027 година и сигурно ќе доживее такво сценарио во следните 20 години.
Мразот на морето на Северниот пол се топи со невидена брзина – повеќе од 12 проценти секоја година, што значи дека се движиме кон целосно исчезнување на мразот во некои делови од годината.
„Застрашувачката пресвртница за планетата“ најверојатно ќе се случи во периодот меѓу следните девет и 20 години, без разлика дали човештвото ќе ги намали емисиите на штетни гасови, се вели во новата студија објавена во списанието Nature Communications, пренесува РТС.
„Првиот ден без мраз на Арктикот нема многу да ги промени работите, но тоа е показател дека сме ја промениле една од најпрепознатливите природни средини на планетата, а тоа е дека океанот е покриен со мраз и снег во текот на целата година “, рече Александра Жан, климатолог од Универзитетот Колорадо Болдер.
Секоја година, состојбата на морскиот мраз се следи преку сателити, кои ја читаат и прегледуваат состојбата од 1979 година. Морскиот мраз игра клучна улога во регулирањето на температурите на океаните и воздухот, одржувањето на живеалиштата и овозможување на моќните океански струи да пренесуваат топлина и хранливи материи низ светот.
Површината на морскиот мраз ја рефлектира и сончевата енергија, што значително го намалува затоплувањето на планетата. Меѓутоа, овој ефект може да оди и во спротивна насока – кога мразот се топи, под него остануваат темни води, кои апсорбираат повеќе сончева светлина.
Накратко, ова значи дека како што планетата се загрева, Арктикот наместо фрижидер станува радијатор кој сега се загрева четири пати побрзо од другите делови на светот.
Брзото затоплување имаше драстични последици. Најсеверната ледена површина, која помеѓу 1979 и 1992 година се протегала на 6,85 милиони квадратни километри, оваа година паднала на 4,28 милиони квадратни километри.
Извор: vecer.press