TikTok најавува промени кои особено ќе ги погодат тинејџерите, бидејќи наскоро ќе се воведат ограничувања за користење на филтри за убавина.
Причината за оваа одлука е зголемениот број млади кои страдаат од анксиозност и пад на самодовербата. Според Guardian, во следните неколку недели, корисниците помлади од 18 години ќе бидат спречени да ги користат филтрите кои овозможуваат вештачко зголемување на очите, полнење на усните и измазнување или промена на пигментацијата на кожата.
Најавени промени
Друштвената мрежа со повеќе од милијарда корисници ги претстави овие измени за време на безбедносниот форум во своето европско седиште во Даблин. Сепак, ефикасноста на ограничувањата ќе зависи и од корисниците кои можеби лажат за својата возраст при регистрација.
Ограничувањата ќе важат за филтри како што е „bold glamour“, кои драстично ги менуваат карактеристиките на лицето на начин што надминува ефектот на шминка. Сепак, „забавни“ филтри, како што се оние што додаваат зајачки уши или кучешки нос, нема да бидат засегнати.
Влијание врз младите
Глобално, расте загриженоста дека филтрите за убавина, и оние понудени од TikTok и оние создадени од корисниците, вршат притисок врз тинејџерите, особено девојчињата, да постигнат неприродно совршен физички изглед.
Многу млади опишале дека, по користењето филтри, почнале да го сметаат своето природно лице за „грдо“.
Дополнителни мерки
TikTok исто така најави заострување на системите за да го блокира пристапот на корисници помлади од 13 години. Овие измени претставуваат обид на платформата да ги намали негативните емоционални последици кај младите и да создаде побезбедно онлајн искуство.