Продажбата на „Обзервер“, најстариот неделен весник во светот и симбол на либералните вредности во британскиот медиумски простор, беше одобрена и покрај дводневниот штрајк на новинарите оваа недела.
Британската компанија „The Scott Trust“, сопственик на „Гардијан Медиа Груп“, која ги опфаќа Обзервер и Гардијан, соопшти дека очекува продажбата на компанијата „Tortoise Media“ да биде финализирана во наредните денови, пренесе АП.
Според условите на договорот, Tortoise Media ќе инвестира 25 милиони фунти (30,13 милиони евра) во Обзервер, со обврска да продолжи со издавањето на печатеното издание во недела и да го зајакне дигиталниот бренд во Обединетото Кралство.
Идниот купувач се обврза да ја зачува слободата на новинарството и уредувачката независност на Обзервер, следејќи ги новинарските стандарди, кои се негувани досега.
Обзервер беше основан во 1791 година и стана дел од Гардијан Медиа Груп во 1993 година. Tortoise Media беше лансирана во 2019 година од поранешниот уредник на лондонскиот „Тајмс“ и директор на вести во Би-Би-Си, Џејмс Хардинг, и поранешниот американски амбасадор во Лондон, Метју Барзун. Хардинг изјави дека името Обзервер претставува „најдоброто од либералното, пионерско новинарство“.
Ветуваме дека ќе направиме сè што е во наша моќ за да ја почитуваме историјата на „Обзервер“ како бранител на човечкото достоинство и ќе му дадеме нов живот како моќен, прогресивен глас во светот – изјави тој.
Новинарите на „Обзервер“ и „Гардијан“, кои го издаваат своето печатено издание од понеделник до сабота, протестираа поради продажбата, стапувајќи во штрајк во средата и четвртокот.
Иако Гардијан е поголем бренд, особено во дигиталниот простор, двата медиуми имаа многу блиска врска, а нивните новинари работеа во иста зграда во Лондон и споделуваа ресурси. Членовите на Националниот сојуз на новинари од двата весника ќе се состанат за да ги разгледаат следните чекори.
Извор: kurir.rs