Њујорк е еден од најпрометните градови во светот, а проблемот со паркирањето станува сè поголем. Со премногу автомобили и недостиг на паркинг места, градот мораше да преземе чекори за да најде решение.
На почетокот на годината, градските власти одлучија да вградат камери со вештачка интелигенција на автобусите, со што автобусите добија нова функција – покрај превозот на патници, тие станаа и контролори на паркирањето. На прв поглед, ова изгледаше како многу ефикасен систем, бидејќи автобусите, возејќи по градските рути, можеа да бележат и издаваат казни за возачите кои биле непрописно паркирани на места каде што требало да се остави простор за автобуски ленти.
Меѓутоа, брзо стана јасно дека оваа технологија не е толку совршена како што очекуваа властите. Камерите по грешка регистрираа илјадници автомобили паркирани на места каде што не смееле да бидат.
Според извештаите на NBC New York, врз основа на снимките од камерите биле издадени околу 3.800 казни, од кои скоро 900 автомобили биле паркирани на легални места. Многу возачи кои добиле казни имале и докази, како фотографии, кои покажале дека не прекршиле никакви прописи.
Проблемот настанал бидејќи камерите не биле правилно програмирани и не можеле да разликуваат вистински прекршоци од легално паркирање. Дополнителен проблем бил тоа што немало човечка проверка пред казните да бидат издадени.
Управата за градски сообраќај во Њујорк брзо ја призна грешката и презеде мерки за нејзино исправување. Градот им ги врати парите на оние кои веќе ги платиле казните, ги поништи неправедно издадените казни и го реши техничкиот проблем кој ја предизвикал оваа грешка. Градските власти сега работат на унапредување на софтверот и осигурување дека вакви грешки нема да се повторат.
Извор: 24sedam.rs