На 10 декември Владата на седница ќе го разгледува Правилникот според кој, државните возила треба да бидат препознатливи за јавноста по нивната црвено-жолта регистрација. Проценките се дека овие возила ќе бидат забележливи низ улиците за најмногу четири месеци. А ќе има и сервис за граѓаните да можат да пријават злоупотреба на овие возила
Паралелно, се работи и на регистарот на службени возила кој ќе го води Службата за општи и заеднички работи. Во пакет со потенцијални измени на етичкиот кодекс на Владата, целта е да спречат злоупотребите при користењето на службените возила.
Целата поента е и јавноста да биде надзор – каде, кога и за што се возат службени возила.
„Сакаме да отвориме телефонски линии и мејл каде граѓаните ќе можат практично да пријавуваат злоупотреба на тие возила и да се даде некаква насока на сите институции каде што ќе се затекне злоупотреба на возилата, да постапат соодветно. Дали тоа ќе биде дисциплинска постапка или ред други работи кои произлегуваат од прекршување односно злоупотреба и на тој начин со законски измени да може да се утврди и некаква казна за злоупотребата“, потенцира директорот на СОЗР.
Додека правилникот за воведување на таблички во различна боја е речиси завршена работа, ќе биде потребно повеќе време за втората компонента за контрола над државните возила – Регистарот на возилата. Тој во моментов е во базата на податоци на МВР, во која се запишани и службените и возилата на физичките лица.
Со новиот софтвер, базата за службени возила ќе се префрли во рацете на СОЗР.
Обид да направи регистар имаше и Државната комисија за спечување на корупцијата. Во 2019 година, се воведе обврска сите јавни институции да ги пријават возилата со кои располагаат.
Целиот текст прочитајте го на: 360stepeni.mk