Црна Гора има 77 банкомати на 100.000 жители, додека од земјите во регионот, во Србија има 53 банкомати, во Хрватска 141, Македонија 57, а во БиХ 58.
Анализата на норвешкиот информативно-финансиски портал Finansplassen, која користеше јавно достапни податоци од неколку институции, покажува дека нордиските земји се најподготвени за иднината без готовина во однос на остатокот од Европа.
Во анализата, меѓу другото, беа користени податоци за бројот на банкомати и терминали за плаќање со картички на 100.000 луѓе, лимитот кој може да се потроши при плаќање со картичка и бројот на лица кои користат интернет-банкарство.
На листата од 45 земји, Црна Гора е на 34-то место. Според ова истражување, Црна Гора има 77 банкомати на 100.000 жители, додека од земјите во регионот, Србија има 53 банкомати, Хрватска 141, Босна и Херцеговина 58, Македонија 57, Косово 29, а Албанија 35 банкомати на 100.000 жители.
Како што изјави портпаролот на Finansplassen, помалиот број банкомати значи дека државата помалку се потпира на готовина, додека поголемиот број терминали за плаќање со картички укажува на развиена инфраструктура за електронски пренос на пари, пишува RTCG.
Оваа анализа покажа дека Норвешка е најподготвена за иднината без готовина. Имено, оваа земја е меѓу оние со најмал број банкомати, а дури 96 проценти од населението користи интернет-банкарство.
Што се однесува до подготвеноста за иднината без готовина, Финска и Данска се на второто и третото место, бидејќи имаат малку повеќе банкомати од Норвешка и малку помалку терминали за плаќање со картички, но во тие земји речиси ист процент од населението користи интернет-банкарство.
Меѓу десетте најподготвени земји се Холандија, Шведска, Исланд, Естонија, Литванија, Кипар и Швајцарија, а меѓу најслабите се Ерменија, Грузија и Германија.
Извор: poslovni-dnevnik.me