Швајцарската компанија „ДМ Бау“ предвидува инвестиција од најмалку 7 милиони евра во следните 5 години и ќе отвори над 200 нови работни места.
Компанијата ќе инвестира во купување на земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена.
ДМ Бау Интернационал е дел од групација ДМ Бау – швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години историја. Покрај производството на ваквите објекти, компанијата се јавува и како изведувач на истите. Со годишен обрт од околу 10 милиони швајцарски франци, над 70 вработени и 30-тина проекти годишно, ДМ Бау се вбројува меѓу најголемите европски производител во овој сегмент.
„Моменталното производство се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и зголемување на капацитетите ДМ Бау одлучи да го реализира преку Македонија. Во индустриска зона во близина на Куманово, ДМ Бау Интернационал ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање, со вкупна површина од околу 35.000 метри квадратни под покрив. За таа цел, во 2024 година компанијата купи земјиште со големина од околу 72.000 метри квадратни. Моментално таму се изведуваат првични земјени работи за нивелирање на земјиштето, по што, во текот на 2025 година ќе отпочне изградбата на нивните производни погони. Ќе напоменам дека компанијата ДМ Бау Интернационал е во сопственост на наш сограѓанин, со потекло од Македонија, кој живее и работи во Швајцарија, но одлучи своите инвестициски планови да ги реализира токму во нашата земја“, кажа премиерот Христијан Мицковски, по потпишување на договорот.