Статистиката покажува дека во периодот од почетокот на јануари па до крајот на септември во земјава имало 11.694 живородени бебиња, но и 14.634 умрени лица.
Значително повеќе умирачки отколку раѓања е негативниот тренд кој по сè изгледа ќе биде забележан и годинава, судејќи по податоците од првите месеци во годинава. Од податоците кои деновиве ги соопшти Државниот завод за статистика се гледа дека во периодот од почетокот на јануари па до крајот на септември во земјава имало 11.694 живородени бебиња, но и 14.634 умрени лица. Тоа значи дека природниот прираст бил негативен за цели 2.440 лица, односно, дека за толку се намалил бројот на населението во Македонија.
Статистичарите предупредуваат дека до крајот на годината состојбата може да биде и полоша.
-Трендот на повеќе умрени отколку родени лица ќе продолжи и до крајот на декември. Ова ќе биде шеста година по ред откако во земјава имаме намалување на населението по овој основ. Бројот на умирачките годинава најверојатно ќе се задржи на околу 20.000 лица, додека бројот на родените ќе биде околу 16.000 бебиња. Колку за споредба, во 2015 година во земјава биле родени 23.100 деца, предупредува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Состојбата е поразителна речиси сите осум статистички региони, со исклучок на само еден – Скопскиот регион, во кој во шест општини има негативен прираст, а во 11 позитивен.
-Во останатите седум региони населението се намалува. Во Источниот, во Пелагонискиот и во Југоисточниот регион, во сите општини има негативен природен прираст. Во Вардарскиот само една општина имала повеќе раѓања од умирачки, а осум се со негативно салдо. На Североисточниот регион пет општини се со негативен прираст, а една со позитивен, додека во Југозападниот три се позитивни, а 6 негативни, објаснува Герасимовски, додавајќи дека од 80 општини во земјава во нив 60 има негативен природен прираст.
Билансот е посебно загрижувачки по одделни градови. За последните девет месеци населението најмногу се намалило во Битола – за 365 лица, Прилеп има 251 лице помалку, а бројот на жителите на Кичево се намалил за 162. Во Охрид намалувањето е 155 лица, во Велес 182, при што сега се намалува и населението во Гостивар за 46 лица, а за околу триесетина случаи имало повеќе умирачки отколку раѓања во Тетово. Се намалиле и скопските општини Кисела Вода за 172 жители, во Карпош за 156, а се намалила и општина Аеродром.
Ако на ова се додаде и губењето на населението по основ на заминувањето во странство, излегува дека годинава бројот на жителите во земјава ќе се намали за околу 4.000 лица. ВЕЧЕР неодамна објави дека процесот на заминувањето во странство не запира ниту во последните три години, по официјалниот попис на населението.
-За последните три години од Македонија во странство се отселиле 5.169 граѓани. Лани, на пример, своето заминување го пријавиле 2.034 лица, што е нагорен тренд, бидејќи во 2022 година заминале 1.905 граѓани, а во 2021 година 1.230, покажуваат податоците кои ВЕЧЕР ги доби од Државниот завод за статистика.
Најмногу од граѓаните се иселиле од Гостивар, за овие три години вкупно 1.630, а потоа од Скопје – 1.519, Охрид – 1.164, Битола – 1.100, Штип – 583…
Намалувањето на работноспособното население во земјава е една од причините поради кои Фискалниот совет деновиве предложи зголемувањето на старосната граница за одење во пензија на 67 години, а што би почнало да важи од 2026 година. Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4 отсто, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2 проценти или за 101.619 лица. Статистичарите предвидуваат во 2025 година процентуално старосната група над 64 години, ќе сочинува 19,1 отсто од вкупното население. Во 2050 ќе биде дури 32,1 отсто, а во 2070 ќе изнесува биде 30,6 отсто. На сметка на тоа, пак, ќе се намали работоспособното население на возраст од 20 до 64 години.
„Евростат“ пред две години објави дека просечната возраст во Македонија е 41,1 година, а децении претходно била 36,4, додека во ЕУ средната возраст на населението лани била 44,4 години, што е зголемување за 2,5 години во споредба со 2012 година. Меѓутоа, овој предлог најде на противење во јавноста.
Од друга страна, статистичарите укажуваат дека мора да се преземаат мерки со цел да се зголемува наталитетот.
-Основно е младите луѓе да се задржуваат тука. Апсурдно е да имаме состојба повеќе деца да ни се раѓаат во странство каде што сега живеат наши сонародници отколку дома. Истовремено, потребно е мотивирање на младите за што порано создавање на семејства, за раѓање на што повеќе деца, апелира Герасимовски.