Турците и понатаму се најбројни туристи во Македонија, а зад нив следат Србите и Германците.
Бројките покажуваат дека најголем дел од туристите во октомври биле од Турција, од каде што дошле 23.838 посетители, а истиот месец 6.582 српски државјани ја посетиле Македонија. Трета е Германија, од каде што нѐ посетиле 4.686 нивни граѓани, па понатаму следуваат гостите од соседна Грција, од каде што дошле 4.624 граѓани. Веднаш зад нив се туристите од Бугарија. Од кај источниот сосед пристигнале 2.768 лица, по што следуваат гостите од Хрватска, од каде дошле 2.368 посетители. Шести се полските туристи со 2.367 посети.
Како што објави Државниот завод за статистика(ДЗС), бројот на туристите во октомври 2024 година изнесува 107.672, од кои 25.8 отсто се домашни туристи, а 74.2 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во октомври 2024 година изнесува 211.611, од кои 32.5 отсто се од домашните туристи, а 67.5 отсто од странските туристи.