Во периодот од јануари до ноември 2024 година, глобалната просечна температура е за 0,72°C повисока од просекот за 1991-2020 година, што претставува највисока забележана вредност за овој период и е за 0,14°C повисока од истиот период во 2023 година. Со овие резултати, извесно е дека 2024 година ќе биде најтоплата година досега, со надминување на 1,5°C над прединдустриските нивоа, според податоците на ERA5.
Ова го соопшти Службата за климатски промени на Коперник (C3S), која редовно објавува климатски извештаи базирани на милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот.
Европа и глобални региони
Просечната температура во Европа за ноември 2024 изнесувала 5,14°C, што е за 0,78°C над просекот за ноември 1991-2020 година. Сепак, месецот не е меѓу првите 10 најтопли ноември. Најтопол ноември останува 2015 година, со температура 1,74°C над просекот. Температурите биле над просекот во северна Русија и делови од североисточна и југозападна Европа, а под просекот во југоисточна Европа.
Надвор од Европа, највисоки температурни отстапувања се забележани во источна Канада, централниот и источниот дел на САД, Мексико, северозападна Африка, Мароко, Кина, Пакистан, Сибир и Австралија. Подпросечни температури имало во западниот дел на САД, делови од северна Африка, источна Русија и Антарктикот.
Температура на морската површина
Просечната температура на морската површина за ноември 2024 била 20,58°C, што е втора највисока вредност за ноември, само 0,13°C под температурата за ноември 2023. Во екваторијалниот источен и централен Пацифик се забележани потпросечни температури, што укажува на поместување кон неутрални или Ла Ниња услови, но глобалните температури на океанот остануваат невообичаено високи.
Ноември 2024 – Хидролошки настани
Во ноември 2024, западна и централна Европа имаа потпросечни врнежи, додека натпросечни врнежи беа забележани во западен Исланд, јужна Велика Британија, северна Скандинавија, Балканот, источна Шпанија и источна Европа.
Надвор од Европа, повлажни од просекот услови имало во САД, Австралија, Јужна Америка и централна Азија. Тајфуни на западниот Пацифик предизвикаа обилни врнежи, особено на Филипините. Посуви услови се забележани во југозападниот дел на САД, Мексико, Чиле, Бразил, Рогот на Африка, југоисточна Кина и јужна Африка, додека некои региони во Северна и Јужна Америка се соочиле со суша.
Извор: lokalno.mk