Светска банка предложи зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти, како дел од мерките за зголемување на даночните приходи и обезбедување фискална стабилност. Оваа препорака беше изнесена во извештајот „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија“, кој се фокусира на потребата од консолидација на јавните финансии. Според експертите, предлогот вклучува и елиминирање на преференцијални стапки за ненеопходни производи и услуги.
Во исто време, бизнис-секторот, како и директорката на УЈП, изразија несогласување со зголемувањето на ДДВ, нагласувајќи дека Владата работи на стратегија за мобилизација на даночните приходи преку проширување на даночната база и интегрирање на сивата економија. Петрова истакна дека фокусот е на одржување на ниски даночни стапки и спречување на даночна евазија.
Светска банка во извештајот предлага и зголемување на акцизите за алкохол и цигари, како и воведување на данок на шеќер и засладени пијалаци, што е во согласност со глобалните здравствени препораки.