„Гледајќи ја Вјоса од брегот, ќе сфатите дека можеби никогаш не сте виделе вистинска дива река – без брани, акумулации или бетонски насипи кои би го ограничувале нејзиниот протек. Реките се меѓу најзагрозените живеалишта во Европа, а помалку од 10 проценти од нив слободно течат“, раскажа екологистката Бет Торен за Би-би-си за албанската река која минатата година беше прогласена за прв Национален парк на дива река во Европа.
Со должина од 272 километри, Вјоса извира од грчките планини Пинд и се влива во Јадранот, минувајќи низ тесни клисури и живописни долини. Нејзините сино-зелени води се дом на над 1.100 видови животни, меѓу кои и загрозената европска јагула.
Но Вјоса е повеќе од природен ресурс – таа е извор на живот за крајбрежните заедници и симбол на албанското наследство. Нејзините тиркизни води поддржуваат биодиверзитет, риболов, земјоделство и екотуризам. Иако сега е заштитена, опасностите не исчезнале.
Во 2021 година, плановите за изградба на хидроенергетската брана Каливач беа отфрлени по јавни протести, но нови предизвици продолжуваат да се појавуваат. Изградбата на меѓународниот аеродром во Валона близу лагуната Вјоса-Нарте, која е важна за птиците преселници, како и закони што овозможуваат луксузни туристички проекти во заштитените подрачја, ги загрижуваат еколозите. Големите инвеститори покажуваат интерес за делтата на Вјоса, со планови за луксузни одморалишта кои би можеле неповратно да го променат регионот.
Вјоса е рај за љубителите на авантури како рафтинг и кајак, а сè повеќе туристи ја избираат за истражување. Локалните жители нудат сместување и свежа храна подготвена од нивните градини. За нив, реката е повеќе од природно богатство – таа е културна вредност за која се грижат со генерации, долго пред да добие официјален статус на заштита.
Извор: tocka.com.mk