Во Македонија има голема побарувачка за оџачари, но недостасува подмладок во оваа професија. Во пресрет на грејната сезона, граѓаните, особено во Скопје, често чекаат и по еден месец за да дојде оџачар кој ќе го исчисти нивниот оџак. Редовното чистење е неопходно за да се спречат пожари, но младите не покажуваат интерес за оваа работа.
„Работа има, но нема кој да ја работи. Во најфреквентните месеци пред грејната сезона, септември, октомври и ноември, граѓаните чекаат и по еден месец. Со две екипи дневно успеваме да исчистиме околу 10 оџаци, но градот има околу 70.000. Многу малку луѓе се грижат за оџаците, освен оние кои имаат навика редовно да ги чистат. Според законот, треба да се чистат трипати годишно, но повеќето домаќинства го прават тоа само еднаш,“ објаснува Ѓуро Поповиќ, управител на „Оџаци“ од Скопје. Тој додава дека најмладиот оџачар има 55 години, што е загрижувачки бидејќи кадарот сè повеќе се намалува со пензионирањето.
Ситуацијата во помалите градови е уште потешка. Во некои населени места има само еден оџачар. Николче Ѓероски од „Дими клини“ во Битола нагласува дека најголемиот проблем е навиката на луѓето да чекаат до последен момент за чистење, што создава голем притисок. „По завршувањето на сезоната, треба веднаш да се исчистат оџаците. Тоа е нашата препорака,“ вели Ѓероски.
Оџачарите посочуваат дека за оваа професија е потребна љубов, здравје, храброст за работа на висина и дисциплина. Иако некои од нив се обидуваат да ги мотивираат граѓаните со попусти, свеста за навремено чистење останува на ниско ниво. Освен домаќинствата, важно е да се одржуваат и оџаците на фирмите, бидејќи оџачарите, како и многу други занаетчии, се дефицитарни. Голем дел од населението, особено во руралните области, користи дрва за огрев, што дополнително ја зголемува потребата за оџачари.
Целата вест може да ја прочитате на: faktor.mk