Популарната размена на подароци на работа – Secret Santa, каде што извлекуваме на кого ќе бидеме тајниот Дедо Мраз, често знае да биде вистински предизвик при изборот на подарок. Како да покажете внимание, да останете во пристоен буџет и да бидете креативни? За да ви го олесниме изборот, подготвивме практични идеи за подароци кои ќе ги израдуваат вашите колеги или колешки.
Пред да се одлучите за подарок, земете ги предвид следниве работи:
Запознајте се со вкусот на колегата/колешката – Ако веќе знаете што сакаат, одберете нешто што е во согласност со нивните интереси. Доколку не сте сигурни во нечии афинитети, одлучете се за предмети кои се корисни и неутрални.
Буџет – Повеќето Secret Santa размени имаат ограничување на цената, па трудете се да останете во рамките на договорениот износ.
Три подароци за колеги
Термос
Практичен и елегантен, термосот е идеален подарок за колегите кои сакаат секогаш да имаат топло кафе или чај. Можете да изберете модел со интересен дизајн или да го персонализирате со празнични мотиви. Овој подарок е универзален и корисен, особено за колеги кои често се на состаноци или во движење. Алтернатива е шише за вода – стаклено или пластично, кое може да се користи и за тренинг.
Сет за нега на брада или кожа
За колегите кои сакаат да водат грижа за својот изглед, сетот за нега на брада или кожа може да биде одличен подарок. Ваквите сетови обично вклучуваат масло за брада, четка или хидратантни производи за лице. Ова е практичен подарок за мажи со брада кои сакаат негуван изглед.
Кравата или лептир машна
Ако вашиот колега често оди на формални настани или едноставно сака да се облекува поформално, уште една кравата или машна во колекцијата нема да биде на одмет. Изберете убав и универзален дезен доколку не сте сигурни во нивниот вкус, а ако знаете, слободно бидете похрабри.
Три подароци за колешки
Миризливи свеќи
Миризливите свеќи со елегантен дизајн и пријатни ароми како ванила, лаванда или цимет секогаш се полн погодок. Овој подарок помага при опуштање по напорниот работен ден и лесно се вклопува во празничниот амбиент.
Планер или нотес
Колешките кои сакаат организација ќе го ценат квалитетниот планер или нотес. Изберете модели со убав дизајн или инспиративни цитати на кориците. Со овој подарок можете да додадете и украсно пенкало за да го комплетирате сетот. Алтернатива може да биде и убав роковник што може да се користи како дневник.
Топол шал или ракавици
Практичен, но воедно и елегантен подарок. Шалот или ракавиците се одличен избор за колешките, особено во студените зимски денови. Изберете неутрални бои или класични дезени кои лесно се комбинираат со различни стилови.
Дополнителни идеи
Во предвид, секако, доаѓаат и добри книги – класици или нови изданија, убави чорапи со празнични мотиви, шише добро пијалок, некој украс за домот како ламба или перниче, сет со купка и млеко за тело, паричник, квалитетно пенкало или налив-перо, маска за телефон, рамка за слики...
Изборот на подарок за Secret Santa е одлична можност да покажете внимание на колега или колешка и да внесете празнична радост во канцеларијата. Без разлика дали ќе се одлучите за практичен, забавен или естетски подарок, најважно е изборот да биде искрен и од срце. Тајната на оваа размена лежи во малите гестови кои ги зајакнуваат колегијалните односи, овозможуваат подобро запознавање на колегите и создаваат пријатна атмосфера во текот на празничните денови.