Малезија се согласи да ја обнови потрагата по остатоците на исчезнатиот авион MH370 на Малезија ерлајнс, повеќе од 10 години откако исчезна во една од најголемите воздухопловни мистерии во историјата, објави денеска министерот за транспорт Ентони Локе, пренесува Ројтерс.
Летот MH370, Боинг 777 со 227 патници и 12 членови на екипажот, исчезна на 8 март 2014 година, на пат од Куала Лумпур кон Пекинг.
„Нашата одговорност, обврска и посветеност се кон семејствата на жртвите“, рече Локе на прес-конференција.
„Се надеваме дека овој пат потрагата ќе биде успешна, дека ќе бидат пронајдени остатоците од авионот и дека семејствата ќе го добијат толку потребното затворање“.
Малезиските истражители првично не ја исклучија можноста авионот намерно да бил пренасочен од својата рута. Остатоци за кои е потврдено или се верува дека се од авионот биле најдени долж брегот на Африка и на островите во Индискиот Океан.
Локе рече дека предлогот за продолжување на потрагата во јужниот дел на Индискиот Океан дошол од истражувачката компанија Ocean Infinity, која последната потрага по авионот ја извршила во 2018 година. Договорот ќе опфаќа период од 18 месеци, а компанијата ќе добие 70 милиони долари доколку се откријат значителни делови од остатоците, додаде тој, објаснувајќи дека потрагата ќе се фокусира на морското дно на нова површина од 15.000 квадратни километри.
На летот имало повеќе од 150 кинески патници, заедно со 50 Малезијци и државјани на Франција, Австралија, Индонезија, Индија, САД, Украина и Канада.
Локе рече дека Малезија ги проценила новите податоци за можната локација на остатоците од повеќе експерти, а Ocean Infinity е уверен во шансите да ги најде.
„Сите податоци се презентирани. Нашиот тим ги разгледа и смета дека се веродостојни“, рече тој.
Малезија го ангажираше Ocean Infinity во 2018 година за да го пребарува јужниот дел на Индискиот Океан, но компанијата не успеа во два обиди.
Претходно, Малезија, Австралија и Кина пребаруваа површина од 120.000 квадратни километри во јужниот дел на Индискиот Океан, врз основа на податоците од автоматската комуникација помеѓу сателитот Инмарсат и авион.
Новиот договор ќе се заснова на принципот „не се најде, нема такса“, што значи дека Малезија нема да мора да плаќа Ocean Infinity освен ако не се најдат и проверат значителни остатоци.
На прашањето за изгледите за пронаоѓање на целиот авион, Лок рече дека би било неправедно да се очекуваат конкретни обврски. „Во овој момент, никој не знае со сигурност. Поминаа повеќе од 10 години“, рече тој.
Последната комуникација со летот MH370 беше приближно 40 минути по полетувањето од Куала Лумпур до Пекинг. Авионот навлегол во виетнамскиот воздушен простор, по што транспондерот бил исклучен.
Воениот радар покажа дека авионот скршнал од курсот и се вратил над северна Малезија, потоа во Андаманското Море пред да сврти кон југ, по што контактот бил целосно изгубен.
Во извештајот за исчезнувањето од 2018 година, кој има 495 страници, се вели дека контролите на Боинг 777 најверојатно биле намерно изманипулирани за да се пренасочи авионот од курсот, но иследниците не можеле да утврдат кој е одговорен и не заклучиле што се случило, велејќи дека тоа зависи од пронаоѓањето на леталото.
Инспекторите исто така рекоа дека нема ништо сомнително за потеклото на пилотот и копилотот, финансиските работи, обуката или менталното здравје.