Новогодишната ноќ е совршена можност да блеснете и да го истакнете вашиот личен стил.
Без разлика дали славите во луксузен ресторан, со пријателите дома или на некоја урбана забава, изборот на облека и шминка може да направи разлика.
Токму затоа, подготвивме водич со најновите трендови, совети од експерти и инспирација како да го постигнете посакуваниот изглед, без да го „испразните“ паричникот.
Што велат модните експерти?
Модните стилисти споделуваат дека оваа година владеат два контрастни тренда – гламурозен минимализам и сјајни, смели детали.
„Минималистичките кроеви со дискретни детали, како што се сатенски фустани во неутрални тонови, се идеални за оние кои сакаат елегантност. Но, за похрабрите, се враќаат сјајот и металик боите – сребрените и златните комбинации се апсолутен хит“, коментираат стилистите.
Доколку сакате класика, мал црн фустан со впечатливи аксесоари останува непобедлив избор.
Од друга страна, костуми во интензивни бои како смарагдно зелена или бордо може да бидат подеднакво ефектни.
Опции за секој буџет
За оние кои сакаат да инвестираат во ново парче, локалните продавници нудат најразлични решенија.
Во продавниците во Скопје или во моловите, може да најдете комбинации од 1.500 до 5.000 денари, зависно од материјалот и дизајнот.
„Советувам клиентите да изберат парчиња кои ќе ги носат и по новогодишната ноќ. На пример, светкав топ кој може да се комбинира и со фармерки или со панталони“, велат модните блогери.
За оние со ограничен буџет, DIY проектите се вистински спас. Можете да додадете пердуви на стар фустан, да нанижете светкави камчиња или едноставно да освежите парче со појас или со марама.
„Јас минатата година го редизајнирав фустанот на мајка ми. Го скратив и додадов светкави ленти, и изгледаше како ново парче купено од скап бутик“, споделува студентката Ванеса Мојсоовска.
Шминка и аксесоари – завршниот допир
Шминката оваа година се движи кон два правци: гламурозни очи со светкави сенки или природен изглед со акцент на усните.
„Светкавите сенки во нијанси на бронза и сребро се идеални за вечерни пригоди, додека црвениот кармин никогаш не излегува од мода“, истакнува шминкерката Тамара Јовановиќ.
Што се однесува до аксесоарите, оваа сезона доминираат големите обетки, чанти со сјајни елементи и високи потпетици.
Суштина на стилот
Не заборавајте дека најважно е да се чувствувате удобно и самоуверено во тоа што го носите.
Без разлика дали сте избрале најново парче од продавница, DIY фустан или костум од вашиот плакар, вашиот став е тој што го комплетира изгледот.
Со овие совети, вие сте подготвени да блеснете за најмагичната ноќ од годината.
Време е да го најдете совршениот аутфит и да ја прославите новата година со стил!