К-15 или регресот за годишен одмор е право обезбедено со Колективен договор и тоа мора да се почитува.
Од Сојузот на синдикати на Македонија за Денар велат дека во најголемиот дел од случаите во компаниите од приватниот сектор каде што има синдикално организирање било испочитувано ова правило. Но се уште има газди кои преку разни финти се обидуваат да ги прекршат правилата на игра. Доколку се утврдат нерегуларности освен парична казана предвидена е и затворска. Дел од работниците кои не добија К-15 до крајот на ланската година пријавиле во ССМ. По реакцијата на синдикалците дел од работниците добија регрес, а дел останаа без парите кои им следуваат.
Во 80% од случаите во приватниот сектор каде што ССМ има свои членови регресот за годишен одмор со колективен договор на ниво на работодавач е утврден во висина од 100% од просечната плата и истиот веќе е исплатен, што треба да претставува причина повеќе работниците во приватниот сектор да се приклучат во ССМ. Ова е ставот на синдитатот, од каде за Денар велат дека поради нивните заложби се повеќе се почитуваат работничките права.
„Сојузот на синдикатите на Македонија за сите вработени во приватниот и во јавниот сектор преку Општиот колективен договор за приватниот сектор и преку Општиот колективен договор за јавниот сектор обезбеди право на регрес за годишен одмор (К-15). ССМ во член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството обезбедил регресот за годишен одмор да се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата или 16.570 денари, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. ССМ во член 21 од ОКД за јавниот сектор обезбедил, вработените во јавниот сектор да имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30% од основицата или 11.000 денари, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач“, велат од Сојузот на Синдикати на Македонија.
Од ССМ потсетуваат дека на располагање работниците имаат бесплатна правна заштита на работничките права. Податоците велат дека преку мобилната апликација „ССМ- мои работнички права“ – евидентирани се 725 обраќања. За сите овие поплаки на членови на синдикатот и работници синдикатот преземал законски мерки и постапки за заштита како од службите на ССМ и синдикатите во неговиот состав, така и од страна на Државниот инспекторат за труд, со кој според информациите ССМ има воспоставено добра соработка. Наодите велат дека се евидентирани 80% од пријавите кои се поднесени од страна на работници кои не се членови на синдикатот, односно работат кај работодавачи кај кои нема синдикат.
„Евидентно е дека има намалување кај пријавите за неисплатен К-15, но за жал се уште постојат работодавачи кои со присила ги тераат работниците да се потпипат на незаконски спогодби за исплата на понизок износ на К-15, како и работодавачи кои не исплаќаат К-15 на работниците, па така помеѓу првите пријави пристигнати во ССМ за неисплатен регрес за годишен одмор се од вработените во Македонски шуми, Фабриката за шински возила Колска од Велес и за други правни како од приватниот така и од јавниот сектор за што ќе бидат преземени соодветни активности и ќе бидат поднесени соодветни пријави пред надлежните инспекциски служби“, додаваат од ССМ.
Казнените одредби предвидуваат парична глоба за компанијата која не исплаќа К-15 од две до три илјади евра, а за одговорното лице од 500 до 1000 евра. Но доколку се утврди дека вработениот бил приморан да потпише дека зел пари, а тие не ги добил од газдата или му легнале пари на неговата сметка а тие пари морал да ги врати назад, во тој случај на несовесниот работодавач му се следува казна затвор до една година.