Во 2023 и 2024 година севкупно 900 лица кои претходно не биле евидентирани, се запишани во матичната книга на родени со што им заврши децениската битка да бидат евидентирани и да можат да ги остваруваат своите права, да работат и да придонесуваат за општеството. Но, сè уште има многу предизвици
Бездржавјанството, или состојба во која не си признаен како државјанин на ниедна држава, влијае на милиони лица низ светот. Лицата без државјанство често не можат да пристапат на најосновните права, вклучувајќи ја и можноста да одат на училиште, легално да работат, да пристапат до здравствени услуги, да стапат во брак или да го запишат раѓањето на своето дете.
Сето тоа влијае на општествен и личен план и им онезвоможува на луѓето кои немаат државјанство да ги остварат своите уставно загарантирани права бидејќи немааат никаков документ за идентификација. Кампањата на Агенцијата за бегалци при ОН, УНХЦР, која почна во 2014 година под слоганот #ЈасПрипаѓам, но и заложбата на дел од властите, почна да ги поместува границите од „неостварливо“ кон „можно“, па дури и кон „целосно остварливо“.
За среќа, Македонија ги заокружи 2023 и 2024 година со позитивни вести на овој план – во 2023 година над 400 лица добија извод од матичната книга на родените со што им заврши децениската битка да бидат евидентирани и да можат да ги остваруваат своите права, да работат и да придонесуваат за општеството. Во 2024 година, пак, уште 500 лица се запишани во матичната книга на родените.
Но, предизвици сѐ уште постојат.
МЗМП: Пружена е бесплатна правна помош на 5.738 лица без државјанство
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) обезбедува правна помош за лица без државјанство и лица изложени на ризик да останат без државјанство, со фокус на лица кои немаат запишано раѓање и лично име пред Управата за водење на матични книги при Министерството за правда.
Од започнувањето на проектот во партнерство со УНХЦР (2011 година) до денес МЗМП има обезбедено бесплатна правна помош на 5.738 лица без државјанство во постапките за запишување во матична книга на родните, признавање татковство, регулирање на престој и прием во државјанство. Тие исто така учествуваа и во изработка на измените на Законот за матична евиденција.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk