Македонија бележи значителен пораст на бројот на странски туристи, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во ноември 2024 година, земјата ја посетиле 66.701 турист, од кои 68.4% биле странски, додека останатите 31.6% биле домашни посетители.
Најголем број туристи престојувале во главниот град Скопје, а веднаш потоа следат популарните езерски дестинации. Според земјите на потекло, најмногу туристи имало од Турција (14.000), потоа од Србија (3.790), Грција (3.561) и Бугарија (3.396).
Бројот на ноќевања во ноември изнесувал 138.226, при што странските туристи учествувале со 61.4%, додека 38.6% биле од домашните туристи.
Во периодот од јануари до ноември 2024 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 8.3% во однос на истиот период од претходната година. Додека кај домашните туристи има намалување од 1.0%, бројот на странските туристи е зголемен за значителни 13.8%.
Исто така, ноќевањата во овој период се зголемени за 5.3%, при што домашните туристи имаат пораст од 2.2%, а странските 9.2%.
Овие податоци ја потврдуваат сè поголемата привлечност на Македонија како туристичка дестинација, особено за странските посетители кои уживаат во културното и природното богатство на земјата.