Во последните години, Македонија сè почесто увезува производи кои традиционално ги произведувала сама.
Од основни земјоделски култури, до преработени прехранбени производи, се поставува прашањето: Зошто една земја со плодна почва, традиција во земјоделството и обучени работници, зависи од увоз?
Според податоците од Државниот завод за статистика, Македонија годишно увезува илјадници тони домати, пиперки, и други култури, иако тие можат да се произведуваат локално.
Овој тренд ги загрижува експертите, кои предупредуваат дека увозот не само што го ослабува локалното производство, туку и ја намалува конкурентноста на домашните производители.
Пречките на патот до самодоволност
„Проблемот не е во можноста да произведуваме, туку во поддршката и организацијата,“ вели Агим, земјоделец од Полог.
Субвенциите често доцнат, а цените на семињата, ѓубривата и горивото се високи. Малите производители немаат капацитет да се натпреваруваат со евтиниот увоз“.
Слично мислење има и економскиот аналитичар Александар Дојчинов.
„Увозот е често поевтин, бидејќи странските производители добиваат значителна поддршка од своите држави. Македонските земјоделци не можат да се носат со такви цени, што ги принудува да ја намалат продукцијата или целосно да ја напуштат работата“, вели Дојчинов.
Дали решението лежи во државна стратегија?
Еден од најголемите проблеми е недостигот на долгорочна стратегија за поддршка на домашното производство.
Земјоделците сметаат дека е потребно поголемо вложување во инфраструктура, како модерни системи за наводнување и складирање.
„Кога би имале подобри услови, не би увезувале кромид од Холандија или домати од Турција“, вели Весна Петкоска, земјоделец од Прилеп.
Дополнително, локалната преработувачка индустрија останува неразвиена.
Поголемиот дел од суровините кои се произведуваат во Македонија се извезуваат како необработени, што потоа се враќаат како скапи готови производи.
Доверба во домашното
Уште еден фактор кој придонесува за проблемот е недоволната доверба на потрошувачите во домашните производи.
„Често луѓето мислат дека увозното е подобро, што не е точно“, вели Ивана Крстевска, сопственичка на мала продавница за органска храна. „Имаме квалитетни производи, но потребна е подобра промоција“.
Експертите предлагаат неколку решенија за враќање на домашното производство на правиот пат. Зголемувањето на субвенциите, подобрување на инфраструктурата и намалување на административните бариери се само некои од мерките кои би можеле да ја намалат зависноста од увоз.
„Државата треба да ги стави македонските производи на прво место“, вели Дојчинов. „Само така ќе можеме да станеме економски посамостојни“.
Додека Македонија има потенцијал да се врати на патот на производството, останува на институциите и граѓаните да го изберат тој пат.
Дали ќе успееме, зависи од нашата волја да го поддржиме домашното.