Дали знаевте дека секој ден во светот се пијат повеќе од две милијарди шолји кафе и дека овој број постојано расте од година во година? Или дека кафето, веднаш по нафтата, е производот со кој најмногу се тргува во светот?
Овој омилен црн напиток за многумина е утрински ритуал, извор на енергија и момент на уживање. Кафето ги поврзува луѓето, инспирира разговори и поттикнува деловни средби. Првата „кафетерија“ во светот е отворена во Константинопол (денешен Истанбул) во 15 век и брзо станала центар за социјални средби и размена на идеи.
Сепак, покрај богатата историја и значење, кафето денес се соочува со сериозни предизвици. Цената на суровото кафе во последната година се удвои, продолжува да расте и до крајот на 2024 година ја достигна највисоката цена во последните 50 години. Ова нè потсетува колку е оваа драгоцена билка, како и индустријата што ја следи, ранлива на климатските, логистичките и економските проблеми.
Еден од клучните фактори за промената на цените е неповолната клима која ги погодува најголемите производители на кафе. Бразил, најголемиот светски извозник, се соочува со екстремни временски услови како суши и мразови, што директно влијае на приносите. Помал принос значи помала понуда, што автоматски ја зголемува цената.
Покрај климатските промени, глобалната логистичка криза и растот на цените на транспортот дополнително ги зголемија трошоците за производство и дистрибуција. Патот од плантажата до вашата шолја кафе никогаш не бил поскап – цената на контејнерскиот транспорт драстично порасна во последните две години, што дополнително ги оптовари производителите и извозниците.
Исто така, геополитичките предизвици, како конфликтите во региони како Црвеното Море, клучно за транспорт на стоки, го успоруваат синџирот на снабдување и ги зголемуваат трошоците. Сето ова ги остава производителите на кафе во незавидна позиција. Додека тие се борат да опстанат, цените на суровите зрна растат, а тоа на крајот го плаќаат потрошувачите. Дополнително, побарувачката за кафе расте и на континентите кои досега не биле значајни потрошувачи на овој омилен напиток.
Шолјата кафе што ја пиеме секое утро можеби изгледа едноставна, но зад неа стои сложен систем кој моментално е под голем притисок. Експертите предупредуваат дека ситуацијата на пазарот на кафе е неизвесна, додека климатските промени продолжуваат да ги погодуваат клучните региони за производство, а глобалната логистичка и економска криза дополнително ги комплицираат работите.
Оваа состојба дополнително ги оптоварува домашните производители, кои се соочуваат со условите што ги диктира светскиот пазар. За да го задржат квалитетот на кафето кое стигнува до потрошувачите, принудени се да ги коригираат цените. По долго време на избегнување поскапувања и апсорбирање на зголемените трошоци, тие сепак беа приморани да направат корекции на цените, но во значително помала мера во споредба со порастот на цените на суровото кафе.
Извор: biznis.kurir.rs