Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој денеска на прес-конференција ги објави најновите податоци за Синдикалната минимална кошничка и за тоа дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10 проценти.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
Како што посочи Претседателот на ССМ, информациите говорат дека цената на житото на светските берзи е намалена за околу 13 проценти, а кај нас цената на лебот е намалена само за еден денар и нема намалување на цените на брашното и други производи.
Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.