Иако вчера од ЕСМ Снабдување со топлина информираа дека во најкус можен рок е нормализирана испораката на парно за граѓаните од Скопје, делови од главниот град се уште имаат ладни радијатори. Жители на скопски Центар од утрово се со ладни радијатори.
Од државната компанија вчера прецизираа дека интервенцијата што е во тек е врз магистралниот вод А што поминува преку булеварот „Кочо Рацин“ – на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен. Сепак, проблемот за жителите од овој дел на градот очигледно сè уште не е надминат и не се знае кога би се решил.
Раководството на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија вчера обвини дека до проблемот дошло поради „негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа од претходното раководство сочинето од кадри на СДСМ и ДУИ“.
- Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, еден дел од А водот е бајпасиран, санацијата е во тек, но испоракаат на топлинска енергија тече непречено. Дефектот веќе е саниран, и граѓаните на Град Скопје ќе имаат повторно непречена испорака на топлина, објави вчера директорот Петар Милетиќ.