Три дена прекини во парното греење – ова е проблемот на многу жители во Центар, кои во услови на ниски температури се принудени да се справуваат со студот во своите домови.
Додека температурите надвор паѓаат, радијаторите во нивните домови и утрово останаа студени. Граѓаните велат дека не можат да го издржат студот, а алтернативните извори на греење не се доволни. Дел од нив дури и излегуваат надвор за да не седат на ладно. Проблемот, според корисниците, е што плаќаат високи сметки за затоплување, а секоја грејна сезона се соочуваат со недостиг на топлина.
„Немам три дена парно, а живеам овде во кулите во Градски ѕид. Вчера малку време дојде околу еден час и потоа пак прекина. Смрзнавме. Замислете дома да имате бебе, тоа би било страшно. Јас имам два стана и плаќам големи суми за парно греење, а немам. Надлежните само се оправдуваат дека ќе биде за брзо“, вели една жителка.
„Сабајле кога станав немав парно греење. Не знам што да правам, еве излегов малку да прошетам, да не седам дома во ладно. Климата не затоплува многу, плаќаме парно, а немаме“, додава друга сограѓанка.
„Во моментот имаме парно, но многу е слабо. Не е како што беше пред недела дена. Некако ослабе откако се јави тој дефект. Мораме да се облекуваме малку потопло“, сведочи уште еден жител на Центар.
Од ЕСМ соопштија дека дефектот на магистралниот вод А, кој пред два дена ги остави речиси сите општини во Скопје без греење, е саниран. Тие информираа дека вчера во текот на ноќта започнале со активности за повторно полнење на топловодите и нормализација на испораката на топлинска енергија. Според нив, причината за честите дефекти е застарената топлификациска мрежа од 60-тите години на минатиот век.
„Се работеше за сериозни и сложени активности за санација на дефектот. При полнењето на системот и зголемувањето на работниот притисок, се појавија нови пукнатини на цевководите, што ја пролонгираше нормализацијата. Бидејќи се работеше за сериозни и исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, во следниот период будно ќе ја следиме состојбата на оваа чувствителна делница од топлификацискиот систем“, соопштија од ЕСМ.
Во понеделникот речиси сите општини во Скопје останаа без греење откако беше пријавен дефект, односно големо истекување на вода од системот. Од ЕСМ уште тогаш истакнаа дека проблемот настанал кај магистралниот вод А, но рекоа дека се работи на негово санирање и нормализирање на состојбата. Вчера информираа дека интервенцијата била завршена во текот на ноќта и во тек се активности за повторно полнење на топловодите, по што ќе има стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи.