Европската централна банка (ЕЦБ) изготви потесен избор на мотиви што ќе бидат прикажани на новите банкноти од еврото, меѓу кои се и личности како Марија Кири и Леонардо да Винчи, пренесува dpa.
„Новите банкноти ќе ја симболизираат нашиот заеднички идентитет и разновидноста што ја прави Европа силна“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Првата тема, „Европска култура“, е фокусирана на заедничките културни места и „истакнати Европејки и Европејци“, соопшти ЕЦБ во Франкфурт.
Меѓу предложените мотиви се добитничката на Нобелова награда Марија Кири, композиторот Лудвиг ван Бетовен и сликарот и вајарот Леонардо да Винчи.
На задниот дел на банкнотите ќе бидат прикажани слики од улични уметници, библиотеки или универзитети.
Втората тематска група, „Реки и птици“, е посветена на отпорноста и разновидноста на природата. Во овој случај, на реверсот на банкнотите ќе бидат претставени институции на Европската унија, како што се Европскиот парламент или Европската комисија.
„Среќни сме што можеме да ги претставиме овие инспиративни мотиви кои ја изразуваат нашата посветеност кон Европа и почитта кон нејзиното културно наследство и природа“, изјави Лагард.
Одлуката беше донесена земајќи ги предвид мислењата на експертите и резултатите од анкетата во која во 2023 година учествуваа околу 365.000 Европејци.
Агенцијата потсетува дека ЕЦБ кон крајот на 2021 година започна процес на редизајн на банкнотите.