![Дали знаете кој светски град претходно го носел името едо? Денес во него живеат повеќе од 37 милиони луѓе и тој е еден од најбезбедните метрополи во светот](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/cd/41c7c3dc-resize-820x0x100.jpg)
Јапонија е една од најуникатните земји во светот, која со години ги воодушевува патниците. Овој прекрасен архипелаг со речиси 7.000 острови е дом на неверојатни предели, уникатна култура и неповторлива гастрономска сцена – и навистина вреди да се посети барем еднаш во животот.
Сите оние кои веќе ја посетиле Земјата на изгрејсонцето се согласуваат во едно: од моментот кога ќе слетате на аеродром, ќе почувствувате како да сте влегле во сосема поинаков свет.
Сите знаат дека главен град на оваа држава е Токио, но дали знаевте дека некогаш го носел сосема друго име?
ТОКИО НЕКОГАШ БИЛ ТИХА РИБАРСКА ОАЗА И СЕ ВИКАЛ ЕДО
Зад сјајот на неонските реклами и футуристичките облакодери се крие навистина фасцинантна приказна. Пред Токио да стане глобална мегаметропола, тој бил познат како Едо. Овој некогаш тивок рибарски град во 17 век станал центар на моќта на шогунатот Токугaва, кој владеел со Јапонија повеќе од 250 години.
Неговиот стратешки положај и растечкото значење брзо го претвориле во најголемиот град во земјата, со популација што ги надминувала и тогашните европски метрополи.
Клучен момент во неговата историја се случил во 1868 година, кога Јапонија зачекорила во новата ера – Меиџи реставрацијата. Царот Меиџи одлучил да ја модернизира и централизира земјата, а главен симбол на таа промена било преселувањето на царската резиденција од Кјото во Едо. Тогаш градот го добил своето ново име – Токио, што во превод значи „Источен главен град“. Оваа промена го означила почетокот на неговата трансформација во еден од најдинамичните урбани центри во светот.
ГРАД ШТО НИКОГАШ НЕ СПИЕ
Токио стана срцето на модерна Јапонија и брзо се претвори во економски, културен и политички центар на земјата. Индустријализацијата и брзиот развој го направија еден од најважните градови во светот. Денес, повеќе од 150 години подоцна, Токио е град што никогаш не спие. Тој претставува совршена комбинација на древната традиција и футуристичката визија. Неговите блескави улици, историски храмови, технолошки иновации и динамичен дух се препознаени на глобално ниво.
СВЕТСКА МЕТРОПОЛА НА СИГУРНОСТА И ГАСТРОНОМИЈАТА
Но, Токио не е само економски, финансиски и културен центар на Јапонија – тој е и вистинска светска метропола каде што традицијата и модерниот начин на живот совршено се испреплетуваат. Неговиот космополитски дух се чувствува на секој чекор, а еден од показателите за неговата глобална важност е и фактот што токму овде се наоѓа најголемиот број ресторани наградени со Мишелин ѕвезди.
Иако носи титула на најголемиот град во светот, Токио се гордее со исклучително ниска стапка на криминал, што го прави еден од најбезбедните градови на планетата. Спојот на сигурноста и богатото културно наследство го прави совршена дестинација за туристите кои сакаат да ја доживеат сржта на Јапонија во нејзиното најавтентично издание.