![Скопје се гуши, загадувањето алармантно – се гради кај ќе се стигне](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/53/6d008435-resize-820x0x100.jpg)
Студеното време, но и зимата носат чад и црнила во воздухот. Проблемот со загадувањето не се решава со препораки, туку со сериозни превентивни мерки, велат архитектите кои со години алармираат дека состојбата не чини. Сезонава, за жал, препораките повторно затаија, без конкретни ефекти. Експертите алармираат – цехот поради неодговорноста е превисок за граѓаните…
Сообраќајот, домаќинствата, но најмногу непланското градење висококатници се најголемите проблеми поради се поголемата загаденост на Скопје, но и на цела Македонија, алармира експертската фела. Архитектите со години апелираат дека мора да се стави крај на експанзијата, оти тоа само дополнително го гуши просторот. Според Мишко Ралев, дополнителен проблем се и лошите градежни материјали.
„Ние велиме неплански, не. Најжалосно е што всушност е тоа плански. Е сега прашањето е какви се плановите. За кого плановите се бенефит. Дали ние како граѓани имаме можност како граѓанско општество, како некаква граѓанска заедница да влијаеме на одлуките“, вели архитектот Мишко Ралев.
Дека висококатниците никнуваат како печурки на секој чекор, реагираат и граѓаните. Велат, се гради кај ќе се стигне и затоа нема струење на воздухот во целиот град.
„Тоа што Скопје го направија огромен град кој не беше предвиден за 750-800 илјади жители колку има сега, затоа што се изгради без да има циркулација на воздухот. Со високите градби затворен е протокот на воздухот и ја мислам треба во Скопје да се стави мораториум за градба. Инспекција нема, сè поткупено, сè корумпирано“, велат граѓаните.
Потребни се долгорочни промени, смета и деканот на Градежниот факултет Горан Марковски.
„Самото градење е еден од најголемите емитувачи на ЦО2 штетни честички. Понатаму, преголемата урбанизација, односно големиот број на густо изградени објекти, придонесува за нефилтрирање на воздухот, и секако користењето на тие објекти го зголемува загадувањето исто така“, вели деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски.
Во зимските денови воздухот со денови е екстремно загаден. Тоа секојдневно го покажуваа мерните станици на Министерството за животна средина. Од таму велат дека има многу причини, а за да се најде решение за проблемот, мора сите да придонесеме.
„Да се вклучат инспекторите на локално ниво, општинските инспектори, како и инспекторите на Град Скопје поинтензивно во заедничката борба против овие појави што ги имаме“, вели заменик-министерката за животна средина, Ане Лашкоска.
Експертите сметаат дека за спас од загаденоста потребни се сериозни мерки, а не само препораки.
Загаденоста на Скопје, но и на цела Македонија е хроничен проблем што не може да се реши преку ноќ, алармира експертската фела. Зимските денови се најголем проблем, а секако и февруарските ноќи и утра, каде загаденоста на големо се чувствува.
Скопје и други градови во Македонија со години се меѓу најзагадените во Европа и светот.
Последните анализи, пак, покажуваат дека две третини од населението во Македонија, односно 62%, се грее на дрва, за разлика од 28,60% што користат струја. Останатите се топлат од јавни котларници, но и со јаглен, нафта, брикети или гас.
СЗО предупредува дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе.