
Земјоделството е една од клучните гранки на македонската економија, но интересот на младите за оваа професија драстично опаѓа. Сè помалку млади луѓе се одлучуваат да останат во руралните средини и да го продолжат семејниот агробизнис.
Според претседателот на Националната земјоделска мрежа Ѓорги Каракашев, кој од дете работи и живее од тешката земјоделска работа, земјоделието не е атрактивна дејност од причина што бара откажување од многу цивилизациски вредности.
„Оваа гранка не познава празници, годишни одмори, К-15, боледување и слично. Едноставно, луѓето кој го работат ова најчесто живеат во рурални средини каде имаат дефицит на основните потреби и немаат елементарни услови за живот. Тука најмногу би ги спомнал пристапните патишта, улично осветлување, канализација, објекти за културен живот, здравствени услуги, буквално сѐ“, вели Каракашев.
Тој напомена дека последните години земјоделието тоне рапидно бидејќи е неисплатливо бидејќи има климатски промени, поточно нагло опаѓање на количините и квалитетот на производство, а за сметка на тоа, зголемување на трошоците за производство.
„Младите земјоделци во нашата земја нема, нема во доволен број. Младите генерално бараат брз начин на заработка на пари. Егзистенцијата и иднината на младите е во странство, се иселуваат. Целото тоа се должи на долгиот период на стагнација и уназадување на земјоделското производство, а самото тоа значи и нерентабилност во оваа стопанска гранка, а младите постепено, но сигурно полека го губат тоа“, рече тој.
Дополнително, лошата инфраструктура, несигурните приходи, недоволната поддршка од државата и перцепцијата дека земјоделството е напорна и непрофитабилна работа се само дел од причините. Дали постои начин да се разбуди интересот кај младите и да се спречи изумирањето на оваа важна гранка?
„Едноставно младите губат надеж и не гледаат перспектива во оваа гранка. Со тоа, излезот го бараат надвор од државата. За парадоксот да биде уште поголем, истите тие млади во странство ја работат истата или слична работа, само што таму работат на туѓи површини, а не на сопствени. Со тоа, остваруваат некоја економска заработка која секако е многу подобра од овде“, дециден е Каракашев.
Тој е на став дека неколку мерки треба да се преземат за да се привлече интересот кај младите за земјоделство.
Целата вест прочитајте ја на: Македонски Медиа Сервис