
Американците, Индијците и Британците најмногу читаат, а Македонците дури и во поглед на читањето на книги не можат да се пофалат со некој завиден резултат.
Лани македонските граѓани во просек прочитале по 4 книги, односно 94 часа одвоиле за читање, покажува статистиката на worldpopulationreview.
Бугарите се малку подобри, односно прочитале по скоро 5 книги и поминале 106 часа во читање, Турците прочитале во просек по 6 книги и поминале 130 часа во читање, Романците прочитале повеќе од 6 книги и за читање одвоиле 147 часа. Грците прочитале нешто повеќе од 5 книги и читале 117 часа во просек лани. Словенците во читање поминале 100 часа и тие лани прочитале повеќе од 4 книги. Србитe, Босанците, Хрватите, Црнгорците и Албанците се малку поактивни во читањето од македонските граѓани, според оваа мапа.
Граѓаните се свесни дека не сме нација која обожава да чита книги и велат дека има простор за подобрување.
„Јас читам многу, но сите луѓе не читаат. Некогаш се случува една книга да ја прочитам за една или двe вечери. Треба да читаме книги, нема лоша книга и во секоја има по нешто позитивно“, објаснува Силвана Стефановска, читателка која редовно зајмува книги во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“.
Друга жена вели дека таа и нејзиното дете читаат, но како нација општо, читањето често го занемаруваме.
„Јас читам и моето дете чита, ама како нација мислам дека не сме некоја читачка нација“, вели Сашка Петковка, граѓанка.
Јулијана Костадиновска објаснува дека како млада читала многу, но сега тоа го прави ретко.
„Откако влегов во 60 години, поради обврски, многу слабо читам, освен нешто на интернет. Словенците, Хрватите повеќе читаат од нас. Кога бев млада читав љубовни романи, но сега мислам дека проблемoт е во интернетот и нема нешто што младите ќе ги привлече да читаат книги“, изјави Костадиновска.
Секоја библиотека во земјава има своја политика како да привлече читатели. Тие мораат да бидат активни и на социјалните мрежи и преку настани да го задржат вниманието на луѓето.
„Библиотеките не се веќе пасивен играч, туку се вклучуваат во секојдневниот живот на градот, односно социјалниот живот. Правиме проекти со училиштата, со енциклопедии, што имаат теми со историја, географија, медицина. Преку читање, игри, децата учат. На секаков начин ги вклучуваме децата. За секој патронат на училиштата, за сите петтоодделенци и за оние ученици што се во средно прва година, даваме бесплатно членство. Се трудиме на секој начин да привлечеме читатели. Преку Црвен Крст носиме книги дома, на немоќни лица и на таков начин го зголемивме бројот на читатели. Ова го реализираме со волонтерите од Црвен Крст. Правиме бесплатни настани, промоции, со фолклор. Една манифестација и промоција и фолклор. Активни сме на социјалните мрежи, набавуваме нови книги, имаме анкета кои книги сакаат да ги набавиме. Од 800 читатели за две години стигнавме до 2.000 читатели“, вели Христина Трпеска, директорка на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Ерменците и Малтежаните исто како Македонците, минатата година потрошиле по 94 часа за читање. Лидери на оваа листа се Американците кои годишно читаат по 17 книги, односно во читање поминале 357 часа во 2024 година. Индијците се втори со 16 книги годишно, а потоа следат Британците со 15, Французите со 14, Италијанците со 13, Русите со 11, Австралијанците со 10 прочитани книги. Шпанците во просек читаат по 9 книги, Холанѓаните по 8, а Швајцарците имаат просек од скоро 7 прочитани книги лани. На дното на листата се Авганистанците, жителите на Брунеи и Пакистан, со 2 прочитани книги годишно, а нешто подобри од нив, но сепак со просек под 3 книги се Саудијците, жителите ОАЕ, Бангладеш, Казахстан, Ирак, Алжир, Катар и Мароко.