
Цените на патарините во Македонија повторно се најдоа во фокусот на јавноста, откако партијата Левица побара нивно намалување за 50%.
Овој предлог, според нив, би ја олеснил финансиската состојба на граѓаните, особено на оние кои често патуваат по македонските автопати.
Но, што мислат граѓаните? Дали навистина цените на патарините се превисоки, или ова е само уште една политичка дебата без реален ефект?
Граѓаните револтирани од состојбата на патиштата
„Возам речиси секој ден од Скопје до Велес, а состојбата на автопатот е катастрофална. Дупки, неосветлени делници, недоволна сигнализација, а сепак плаќаме високи цени за патарина. Барем да ги намалат цените на патарините, ако веќе не ги поправат патиштата“, вели Оле, вработена во приватна компанија.
Нејзиното незадоволство го споделуваат и многу други возачи. Еден од нив е Зоран Тодоров, кој често патува низ целата држава:
„Не ми е јасно зошто толку плаќаме кога автопатите не се во најдобра состојба. Да беше квалитетен автопатот, немаше да ми пречи да платам, но вака – пари во воздух. Јас сум за намалување на цените, барем за 30-40%, ако не и за 50%“.
Експертите со поделени мислења
Додека граѓаните во голема мера го поддржуваат предлогот, експертите имаат различни ставови.
Тие сметаат дека драстичното намалување на цените може да има негативни последици врз одржувањето на патиштата.
„Средствата од патарините директно се вложуваат во одржување на патната инфраструктура. Ако се намалат за 50%, прашање е како ќе се финансираат потребните санации. Наместо намалување, можеби треба да се разгледа можноста за подобро управување со тие средства“, велат експертите.
Од друга страна, економистите тврдат дека моменталните цени се високи во споредба со стандардот на граѓаните:
„Ако споредиме колкав е просечниот приход на граѓаните и цените на патарините, ќе видиме дека овие давачки не се мали. Намалување од 50% може да има позитивен економски ефект, бидејќи ќе ја намали цената на транспортот и ќе стимулира поголема мобилност“.