
Од 1 мај во Германија стапуваат на сила нови правила за управување со биоотпадот, со кои значително ќе се зголеми контролата врз неговиот состав. Главната цел на новата регулатива е да се намали присуството на несоодветни материјали во кантите за биоотпад, како што се пластика, стакло, метал и други материи што не се разградуваат природно.
Според магазинот „Феникс“, новите правила бараат биоотпадот да содржи најмногу 1% туѓи материи. За да се осигура почитувањето на оваа граница, компаниите за управување со отпад ќе применуваат понапредни методи на инспекција, вклучително и употреба на сензори на возилата за собирање отпад. Доколку се утврди дека кантата содржи повеќе од 3% несоодветен отпад, таа нема да биде испразнета, а сопствениците ќе мора сами да го одвојат и правилно да го одложат отпадот.
Со новите мерки, властите очекуваат значително намалување на контаминацијата на биоотпадот, кој има важна улога во процесот на преработка во биогас. Присуството на несоодветни материи може да го направи отпадот неупотреблив, а во некои случаи и штетен за животната средина.
Дополнително, предвидени се и строги казни за прекршителите. Доколку кантите со несоодветно селектиран отпад останат полни подолго време, особено во летните месеци кога може да предизвикаат непријатни мириси и да привлечат инсекти, сопствениците може да се соочат со парични казни во износ до 2.500 евра.
Со оваа регулатива, германските власти испраќаат јасна порака дека правилната селекција на отпадот е од суштинско значење за заштитата на животната средина и одржливото управување со ресурсите.
Извор: racin.mk