
Регионот на Балканот во споредба со Европа има најниско ниво на иматели на сметки, платежни картички и најмалку користење на тие картички. Кешот е се уште доминантен платежен метод. Од Асоцијацијата за е-трговија во Македонија неодамна објаснија дека постојат многу бариери зошто податоците се такви, а една од причините е довербата.
Државата од 1 јануари го затегна ременот за користењето на кешот во прометот и го ограничи на 2.000 евра, а за суми поголеми од тоа треба да се користат платежни картички или уплатници во банка. Ова мерка се воведе со цел да се сведе на минимум сивата економија и малверзациите.
Германија, пак, ги затвора банкоматите и воведува целосна контрола врз готовината. Бундесбанк во својот последен месечен извештај нагласи дека достапноста на готовина ќе се намали, што ќе влијае на начинот на кој луѓето пристапуваат до готовина. Додека 95,7 отсто од населението, или околу 80,7 милиони луѓе, имаат пристап до најмалку еден банкомат или банкарски шалтер, 3,6 милиони граѓани веќе мора да патуваат во друга заедница за да добијат готовина. Оваа бројка во иднина може дополнително да се зголеми, што создава загриженост кај граѓаните, пренесе српски „Ало“.
Со години се забележува значително намалување на бројот на банкомати и експозитури во Германија. Од 2002 до 2023 година, бројот на филијали на банки е намален од 53.000 на само 21.000, додека бројот на банкомати, кој го достигна својот врв во 2018 година, сега е околу 51.000. Во просек, граѓаните треба да поминат 1,4 километри за да стигнат до најблискиот банкомат или филијала на банка, при што патот е 1,1 километар во урбаните средини и 1,9 километри во руралните средини. Иако на прв поглед тоа не изгледа како голема далечина, загриженоста на граѓаните расте, бидејќи процентот на оние кои имаат тешкотии да дојдат до готовина е зголемен од 6% во 2021 година на 15% во 2023 година.
Со цел да се приспособат на намалената достапност на банкомати, многу Германци ја користат опцијата за враќање на готовина при плаќање во продавниците. Оваа опција им овозможува да одбијат поголема сума од нивната сметка при наплата, додека разликата им се плаќа во готово. Опцијата за враќање на готовина е достапна на 31.289 локации низ Германија, а просечното растојание до такви локации е 1,7 километри по потрошувач. Но, од Бундесбанката нагласуваат дека кешбек не може да ги замени банкоматите и банкарските шалтери, со оглед на тоа што продавниците не го контролираат квалитетот и автентичноста на банкнотите, што може да доведе до враќање во оптек на неисправни банкноти.
Додека банките и официјалните институции го оправдуваат затворањето на банкоматите со проблеми со економската профитабилност и безбедноста, политичките аналитичари предупредуваат на потенцијални ризици. Тие се загрижени дека намалувањето на достапноста на кешот може да биде дел од стратегијата за контрола на населението. Готовината овозможува анонимни трансакции, додека преминот кон дигитални плаќања остава трага на секој финансиски потег на граѓаните. Критичарите сметаат дека оваа политика создава општество во кое поединците се зависни од банките и владата, што може да стане моќна алатка за уцена и принуда.
Извор: vecer.press