Во позадина на расправата за последиците врз германската политика по објавувањето на ретракцијата на канцеларката Ангела Меркел, во јавноста исплива приказната за инвестицискиот фонд Блекрок којшто медиумите го нарекуваат “најмоќната светска компанија за која никогаш не сте слушнале“, а најсуровите критичари “компанија која го поседува светот“.
Но, зошто токму овој инвестициски фонд е толку важен? Британското списание “Економист“, пишувајќи за него пред неколку години, заклучи дека на прашањето кој всушност владее со светот, теоретичарите на заговор најпрво би го впериле прстот кон некоја глобална банка, нафтен гигант или технолошка компанија, но не и кон “Блекрок“ којшто има најголем инвестициски удел во таквите глобални корпорации.
Најмоќна финансиска корпорација на планетата
Според сведочењето на Пол Вокер – поранешен претседател на Федералните резерви, “Блекрок“ е најмоќната финансиска корпорација на планетата. Познатиот руски економист Валентин Катасонов тврди дека нејзиното влијание е еднакво на влијанието што го имаат компании како “Џеј Пи Морган“, “Голдман Сакс“ и “Морган Стенли“ – заедно.
Банка во сенка
Покрај тоа што важи за најмоќна корпорација, за “Блекрок“ се тврди и дека е еден од најзатворените светски концерни за управување со средства, којшто според последните податоци, управува со средства во вредност од околу 6.3 трилиони (6.300 милијарди) американски долари, а директно надгледува уште најмалку 11 трилиони долари, работејќи со најмалку 100 земји преку своите 70 канцеларии во 30 земји. Овој моќен конзорциум поседува учество во повеќе од 17.000 компании ширум светот, а според аналитичарите, голем дел од тоа богатство е стекнато со шпекулации за време на финансиската криза во 2008 година, станувајќи една од најголемите “банки во сенка“.
Компанија што го поседува светот
Иако фондот официјално се претставува како организација која нуди услуги за управување со инвестиции, ризичен капител и консалтинг за институционални и приватни клиенти, најжестоките критичари го обвинуваат дека благодарение на своите силни врски со сите моќни корпорации и голем број политички претставници постигнува такво финансиско и социјално влијание, така што неговиот промотивен слоган може слободно да биде “Компанија што го поседува светот“.
Патот до светскиот престол
Нејзиниот прв чекор кон “светскиот престол“ започна во доцните 1980-ти години како “дополнителна работа“ со хартии од вредност и обврзници, за кои приватниот фонд го ангажираше Лери Финк, тогашен брокер на инвестициската банка “Фрст Бостон“. Во 1988 година Финк го основа инвестицискиот фонд “Блекрок“ кој започна со само осум вработени во една канцеларија, а неговиот неочекуван пораст беше инициран од банкротот на инвестициската банка “Лиман Брадрс“ по избувнувањето на глобалната финансиска криза во 2008 година. Имено, “Блекрок“ во тоа време веќе беше познат по својата експертиза за управување со инвестициски ризици, чиј модел, како што тврди “Економист“, бил каде каде подобар од застарените модели што се применувале од страна на “Мудис“ и “С&П“ до 2008 година.
По избувнувањето на економската криза која беше предизвикана од ‘балонот’ на пазарот за недвижности, овој фонд од мал управувач со средства прерасна во т.н “спасувач“ и “истерувач на духови“ од Волстрит. Во исто време, Лери Финк стана синоним за најмоќен човек на Волстрит, токму поради неговото големо економско и политичко влијание, особено ако се земе предид фактот дека “Блекрок“ управува со над 90% од пензиските резерви на САД.
Според една студија од Универзитетот во Амстердам, од вкупно 3.900 компании на берзата во САД, “Блекрок“ е најголемиот акционер во 1.662. Во овие компании работат повеќе од 23.5 милиони американски работници, а “Блекрок“ е исто така акционер во 438 компании во S&P500 индексот, кој ги вклучува најголемите 500 компании во САД. Фондот исто така е главен акционер во скоро сите германски компании на DAX и најголем индивидуален сопственик на десетина од најдобрите германски компании, вклучувајќи ги и “Бајер“, “БАСФ“, “Воновиа“, “Алианц“ и “Е.ОН“.
Во овој контекст, германските медиуми објавија дека во една прилика, Лери Финк, наводно на шега изјавил: “Располагаме со толку многу пари, што повеќе не знаеме каде да ги инвестираме“.