Во Google пристигнуваат околу три милиони апликации годишно, а компанијата прифаќа само 0.2 проценти од нив.
И покрај тоа што на самата страница на компанија стои дека процесот на вработување се состои од три чекори “апликација, интервју, одлука“ сепак во реалноста тој процес изгледа далеку посложен.
Тоа е така бидејќи Google важи за компанија каде интервјуата изгледаат многу поразлично во однос на останатите технолошки компании. Најпрво, бројот на интервјуа кои кандидатот треба успешно да ги помине се првата разлика.
До неодамна, во Google веруваа дека одлуката за вработување на вистинскиот кандидат ќе биде подобра доколку кандидатот биде интервјуиран од што е можно поголем број на менаџери во компанијата. Затоа, секој кандидат во просек поминува околу 12 интервјуа. На пример, еден извршен директор во Google мора да помине низ дури девет интервјуа пред да биде вработен во одделот за управување со производи.
Процесот на вработување знае да потрае и до девет месеци
Според Лазло Бок, поранешен вработен во секторот за човечки ресурси во Google, целокупниот процес на вработување трае од шест до девет месеци, а понекогаш луѓето мора да поминат и по 25 интервјуа.
Токму затоа, компанијата неодамна одлучи да спроведе истражување за тоа дали навистина е потребно да се прават толку голем број на интервјуа и анализата го покажа токму тоа што го претпоставувате: дури и 9 интервјуа се премногу, а не пак 25.
Правило на бројот четири
Истражувањето покажало дека четири интервјуа се сосема доволни за да се донесе одлука со 86-процентна сигурност дали некој кандидат треба да биде вработен или не – објасни Шенон Шапер, одговорна за иновации во процесот на вработување во Google.
Имено, податоците собрани за време на интервјуата покажале дека во 95 проценти од случаите одлуката која се донесува после четвртото интервју е идентична со одлуката која би се донела по поголем број на интервјуа. Дополнително, препорачливо е интервјуто за работа да не е еден на еден, туку со четири различни луѓе одеднаш.
Притоа, технолошкиот гигант го усвои правилото на бројот четири со што разговорот за работа го водат четири луѓе, а процесот на вработување се намалува од 9 месеци на околу 2 недели.
Исти прашања за сите кандидати
Дополнително, практиката за вработување во Google се разликува и по самата структура на интервјуто. Наместо на кандидатите за работа да им се поставуваат прашања од нивната биографија за тоа како тие би придонеле за компанијата, Google има веќе подготвени прашања кои се исти за сите кандидати кои се пријавиле за истата позиција кои знаат да бидат многу ригорозни.
Структурираните прашања им помагаат на вработените во човечки ресурси да разликуваат добар, просечен и лош одговор и полесно да го направат изборот на вистинскиот кандидат.
При подготвувањето на прашањата компанијата повторно се води по правилото на бројот четири со тоа што ги зема предвид когнитивните способности (дали кандидатот може брзо да учи и да се прилагодува), вештините за лидерство (дали кандидатот знае да управува со луѓе кога тоа ќе биде потребно и дали знае да се повлече во вистинско време), нивото на “googliness“ – кодексот на однесување и работа во Google и знаењето и искуството на кандидатите кое е потребно за работата за која се пријавиле.
Некои велат дека полесно е да завршите факултет на Харвард, отколку да се вработите во Google. Што мислите вие за тоа?
Можеби ќе сакате да прочитате:
Како е да се биде практикант во LinkedIn?
Зошто практикантите во Harley-Davidson добиваат бесплатен мотор и 12-неделна авантура ширум земјата