Tриесет јавни службеници во францускиот град Тулон редовно добивале плата повеќе од две и пол децении, а годишно за тоа градот трошел околу еден милион евра.
Во Тулон, град во јужниот дел од Франција, ревизорите открија 30 луѓе кои добивале плата на сметка на даночните обврзници без да се појават на работа цели 25 години!
Тие ја чинат државата повеќе од еден милион евра годишно, а во текот на својата “работа“ редовно добивале покачување на платата за секоја одмината година.
Инаку, станува збор за вработени во локалниот систем за водоснабдување кој е приватизиран во 1990-тите. Според законот, локалните власти требале да ги чуваат на платен список додека не најдат соодветна замена.
Меѓутоа, соодветна замена не била пронајдена ниту по четврт век.
Жално е што градот не можел да најде вработување за некои од овие вработени, особено за помладите, стои во извештајот од ревизорите.
Некои работеле по две работи
Тие што биле попретприемчиви, а имало многумина такви, пронашле дополнителна работа. Интересен е примерот на еден локален рагбист – кој успеал покрај државната работа, да отвори и свој ресторан, што е спротивно на тамошниот закон за државни службеници.
Целата приказна е особено интересна во контекст на граѓанските протести во Франција. Жолтите елеци беа, меѓу другото, инспирирани од зголемувањето на даноците, намалените плати и куповната моќ, а претседателот Емануел Макрон вети дека ќе го намали бројот на државни и јавни службеници за 120.000 во наредните три години со што ќе бидат заштедени околу 60 милиони евра во буџетот.