Британското кралско семејство бара нов готвач кој ќе стане дел од нивното домаќинство, стои во огласот на веб страната на Бакингемската палата.
Неговото работно место ќе биде во палатата, а од него се бара да подготвува храна според највисоките стандарди. Иако во огласот не е наведено за кои членови од кралското семејство ќе работи готвачот, се верува дека неговите должности ќе се однесуваат на целото семејство, бидејќи во описот на работата стои дека ќе треба да патува и во другите кралски резиденции.
Платата е нешто помалку од 24.500 евра годишно, а од кандидатите се очекува да подготват различни менија за широк спектар на настани, да работат со квалитетни состојки и да се вклопат во тимот на веќе вработени професионалци.
Во огласот на Бакингемската палата стои “Како што се очекува, стандардите се екстремно високи така што ќе мора да бидете амбициозен и квалификуван готвач“.
Може да имате богато работно искуство, но вашата способност и ентузијазам се клучни за да ја добиете оваа работа. Бараме тимски играч со одлични комуникациски вештини и способност да се вклопи во тимот со кој ќе ужива во работата. Важно е да обрнувате внимание на детали, да можете да одговорите на кратките рокови и да бидете сигурни дека храната ќе биде испорачана навреме, стои во огласот.
Од палатата истакнуваат дека е најважно да се покаже ентузијазам и способност да се претставите во сите сегменти од кујната.
Крајниот рок за пријавување е 28 јули и тоа пет минути пред полноќ.
Инаку, Бакингемската палата е место каде што се одржуваат важни државни банкети како што беше вечерата со американскиот претседател Доналд Трамп.
Поранешниот шеф на кујната на кралското семејство, Дерен МекГрејди, кој работел за кралското семејство цели 15 години, претходно откри дека кралицата сака да патува со внимателно спакувана ужина.
Во интервју за Харперс Базар, тој откри и дека кралицата сака да се држи до својата омилена чоколадна торта. Таа торта редовно се прави во Бакингемската палата, а кралицата јаде од неа по едно парче на ден.