Технолошките достигнувања доведуваат до пократко работно време и повеќе време за одмор.
Сојузот на независни синдикати на Русија достави предлог до Министерството за труд да се премине на четиридневна работна недела, но со задржување на тековното ниво на плати, објавија руските медиуми во вторникот.
Синдикатот предупредува дека дел од работодавците веќе почнале да го прераспределуваат работното време на овој начин, но не со добра намера, туку поради финансиски потешкотии што води кон намалување на платите.
Со овој потег, синдикатите ставаат до знаење дека поддржуваат кратење на работната недела, но само како средство за оптимизирање на работното време, без намалување на платите на работниците.
Предлагаме ова прашање да биде разгледано од трипартитната комисија за регулирање на социјалните и работните односи, земајќи ги предвид сегашниот систем за наградување на трудот, разликите во работното време и другите карактеристики на организирањето на работата во Русија, велат синдикалците.
Во јуни, рускиот премиер Дмитриј Медведев дозволи премин на четиридневна работна недела. Според него, технолошките достигнувања доведуваат до пократко работно време и повеќе време за одмор.
Како пример, тој ја наведе компанијата со седиште во Нов Зеланд која им овозможи на своите вработени да имаат три слободни денови во неделата. Вработените во оваа компанија работеле 20 проценти подобро.