Облеката што ќе изберете да ја носите на интервју за работа можеби нема да му пресуди на целиот исход, но секако дека може да направи разлика. Прочитајте како правилно да се облечете пред секое интервју!
Иако не сме свесни за тоа, бојата на облеката што ја бираме открива многу за нас. А кога е во прашање интервју за работа, јасно е дека сите сакаме да оставиме најдобар впечаток.
Еве што велат модните експерти за боите и впечатокот кои тие го создаваат:
Црна – лидерство
Во црна боја може да изгледате непристапно, но доколку ја искомбинирате паметно, таа боја може да комуницира гламур и софистицираност, смета експертот за брендови Карен Хелер. Црната е боја која се сфаќа сериозно и затоа е добар избор за интервју за работа.
Сина – тимски играч
Сината е една од најдобрите бои што може да ја носите на интервју за работа бидејќи пренесува самодоверба и доверливост. Исто така, некои студии покажаа дека носењето темно сина боја на интервју за работа значително ги зголемува шансите за добивање на работата.
Сива – независност, индивидуалност
Доколку сивата боја доминира на интервју за работа ќе оставите впечаток на независна, но можеби и малку изолирана личност. Тоа не мора да значи ништо лошо доколку сепак успеете да покажете доволно самодоверба.
Со оглед на тоа дека сивата многумина ја сметаат за осамена боја, добро е да ја носите доколку сакате да покажете дека сте способни за индивидуална работа и размислување со сопствена глава.
Бела – организација
Белата или беж боја е во ред да се носи на интервју за работа, но внимавајте да не оставите впечаток на личност со недостаток на самодоверба. Менаџерите, од друга страна, сметаат дека белата боја комуницира добра организација, така што дефинитивно не е ништо погрешно доколку на разговор за работа се појавите облечени во бело.
Кафеава – сигурност
Со кафеавата боја ќе успеете да оставите впечаток на топла и доверлива личност што е многу важно за прв впечаток.
Црвена – моќ
Црвената боја комуницира моќ и е одличен избор кога приватно сакате да оставите добар впечаток, но не е баш соодветен избор за интервју за работа. Црвената боја исто така покажува храброст, возбуда и енергија.
Ако толку сте заљубени во оваа боја, не е лошо да имате црвени детали, но можеби е подобро да се држите подалеку од црвената облека, барем кога станува збор за интервју за работа.
Зелена, жолта, портокалова, виолетова – креативност
Овие впечатливи и весели бои покажуваат дека сте забавни и дефинитивно ќе успеат да привлечат внимание, но внимавајте бидејќи истите не оставаат впечаток на доверба и посветеност па постои опасност да испратите погрешна порака за себе.
Која е вашата омилена боја и дали верувате дека облеката прави разлика на интервју за работа?
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!